21. Пензионерско достоинствено живуркање на мислител и книжевник
(Јас како пример)
Што значи да живуркаш достоинствено како пензионер?
Значи да имаш пензија недоволна за достоинствен или пристоен живот, да го крпиш и трпиш од денеска до утре (со болештини, сè појаки иљачи и сè позабрзано снеможување на снагата), и тоа ако во меѓувреме не „прочиташ“ или не ти „прочитаат“ дека толку ти било пишано. Достоинствено?! Да, со додавка дека тоа се разбира не го покажуваш, односно го молчиш достоинствено. Ако се пожалиш, ако на пример се покажеш јавно како пример, тоа нема да ти се третира како достоинствено. Не ти гине сожалување, рамнодушност, па и прекор дека така си го наредил и така ти го наредиле.
Да не треба да го конкретизирам и „илустрирам“ живуркањето? Не е доволно неговото значење како скудно живеење? Да не треба да ја конкретизирам и „илустрирам“ и скудноста? Јас мислам не.
Туку, сè ми се чини дека кај некои се проблематизира достоинственото живуркање како пензионер кога тоа го поставувам визави мислител и книжевник. Згора со грандиозно мислечко и книжевно творештво-дури 107 прозни, поетски, сатирични, мислечки дела и научна студија, единствено на светот. Поготово ако се знае дека станува збор за пензиониран новинар, а не пензиониран мислител и творец (не постои таква категорија). Како што сум јас како пример. Па, згора на тоа и мошне активен творец, ако не и најактивен на светот! (Буквално секој ден на Интернетов со по неколку дела!)
Само ќе допишам:
Јас како пример достоинствено живуркам како мислител и творец затоа што моето творештво не само што не е признаено, туку и буквално се премолчува. А знам неколкумина кои добија награди и признанија, односно се наградија меѓусебно со национални награди кои се предуслов за добивање национална пензија. Која, се знае, овозможува дури повеќе од достоинствен живот.