2. Едно друго време
Дојдено и доаѓа едно друго време
на живот во смрт со издив еден
последен
за секој што одамна не е меѓу луѓе
а е на почеток и на крај на сон
во кој ништо не е последователно
ниту поврзано со заумен свет
граден деноноќно од земја до небо
од семиња до плодови и мудрост
безживотна отруена засекогаш
за никаде
едно друго време на показ
со предци и потомци без траги
што водат до точка на крај
на стварност
преполна скаменети лица
безимени сенки во мрачнина
во пустошија
без почеток и ново раѓање
на говор разбирлив за животни
спитомени со љубов
неразбирлив за намерници
и скиталци
по наезда на црни птици грабливи
подивени од непрегледни предели
пустошни
кои никако да ги прелетаат
дојдено и доаѓа едно друго време
во кое последен преживеан
ќе нема кому да му прикажува
за мигновени и долги умирања
на песни игри коски срца крв
тишини мразни души.