20. Не е од и за ова време
Го мина минатото време долго откривајќи го и осознавајќи го, па речиси скокна, се нурна во сегашно доживувајќи и преживувајќи во него секакви последователни, очекувани и ненадејни настани, случувања, собитија, процеси, промени и моментни пресврти. Предадено, со трошење на сила и енергија до премалување.
Беше секогаш пред другите, своите сопатници, соработници, понапред од секој со него и крај него. Докажувајќи се? И да и не. Да, постојано движејќи се напред, совладувајќи секакви пречки, лесно носејќи секакви товари на своите плеќи. Не, не размислувајќи за повисоко скалило од она на кое е, ниту жртвувајќи што-годе од интегритетот, од својата слобода, од својата личност.
За него сè почесто и сè повеќе се зборува дека не е од и за ова време. За него е тоа неразбирливо. Како тоа да не е?! Особено со оглед на последиците кога е збор за неговата позиција, признанието и непризнавањето на неговото дело. Ако не е од и за ова време, тогаш за кое е? Јасно е дека се мисли на идно, но на кое и какво? Најнапред дали на извесно?
Многу е разочаран гледајќи се себеси одвреме-навреме изделкан од бел мраморен паметник, поставен среде плоштадот на градот. Разочаран оти е тој колку конкретен и препознатлив, исто толку, ако не и повеќе апстрактен, со правоаголни тријаголници и кругови. А на постаментот изделкана за него сосем неприфатлива мисла или порака: „Тој беше во нашето минато и е во нашава сегашност. Но, со своето дело докажа дека не е од и за ова време, туку за неговата и нашата иднина“.