СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 65

Потребно време за читање: 2 минути

65. Искрено 

Бисера и Апостол насамо на кафе во сончево претпладне, во кафулето „Искра“ што се наоѓа на кејот на Вардар, подолу од центарот на Скопје.

Бисера:

-Како учењето, синко?

Апостол:

-Одлично, мамо. Прилично навлеговме во програмирањето, а мојата група со која раководам веќе направи неколку едноставни програми. Програмиравме и мал робот, всушност посложена програма за безбедност на стан, куќа и зграда. Постојано го надградуваме.

Бисера:

-Си се посветил на планинарење…

Апостол малку занесено:

-О, да…Веќе  ги искачив и Голем Кораб, највисокиот на Кораб, 2753 метри, највисок маакедонски, и вториот по височина-Титов Врв, на Шар Планина, висок 2747 метри. Голем Кораб е мошне стрмен и прилично опасен за искачување, но вреди да се види под него водопадот Пројфел висок 133 метри. Титов Врв е пирамидален, распукан и оголен. Северозападно е изворот на реката Пена, а јужно има неколку глацијални езера. Уживав неколку часа на бррегот на Боговинското…Подолго време се подготвуваме за Солунска Глава, последниот од десетте наши највисоки врвови.

Бисера:

-А како љубовта?

Апостол малку изненаден:

-Што како? Прашуваш дали имам девојка?

Бисера кимнува со глава. Апостол рамнодушно:

-Немам.

 Бисера со насмевка:

-А сексот?

Апостол ја гледа втренчено:

-Мамо, не мислиш дека претеруваш?!…Добро, ќе ти кажам. Не сум невин. Имав секс со една непозната на една роденденска журка. Се поднапив и…и тоа. Задоволна?

Бисера со сериозен тон:

-Добро…Само да ти кажам да внимаваш…Што мислиш за наша, семејна конечна преселба во Монтреал?

Апостол:

-Искрено, јас сум против. По твоето заминување и тоа ми беше извонредна опција, но сега мислам дека треба сите да останеме овде и да ја продолжиме „борбата“.

Бисера по малку нервозно:

-А каква перспектива гледаш ти во ваква Македонија? Не гледаш дека е пропадната, ја уништи мафијава и нема ни шанса ни кој да ја направи асолна држава? Свесно ја уништија „стратешките партнери“ со велепредавничкото измеќарство на натуренава власт. Не следиш што се случува? Сè живо, и младо и старо бега што подалеку од неа…Еден е животот…

Апостол ја прекинува остро:

-Значи, и ти си за бегање! И ти си како веќе избеганите! Значи, си се предала!

Бисера нагло станува и речиси подвикнува:

-Прекинуваме! Дома ќе разговараме на темава и…белки ќе се договориме!

Заминува. Апостол го допива кафето, го вика келнерот, му плаќа, станува, му се насмевнува и излегува од кафулето.