Потребно време за читање: 2 минути

60. Бисера и Грозданови

Во куќата на Грозданови во населбата Поинт-Сен-Шарл, во Монтреал. Дружба, вечерна седенка на Тодор, Стојанка и Бисера. Среде дневната соба маса со пијалоци и мала закуска.

Бисера на Тодор:

-Моите во Скопје чекаат мој став за тоа каде да ја продолжиме нашата семејна живеачка, па потоа да одлучиме заедно.  Откога Пламен се врати од Бирмингем, сите како повеќе да навалуваат за Скопје, во нашата Македонија. Тој пред сите. Јас, пак, напротив, мислам дека Монтреал е за нас. Иако признавам дека има многу нешта што овде не ми се допаѓаат, не ми се прифатливи и на кои просто не сакам да се навикнам. Најмногу поради можностите за спокоен живот, богат со содржини, како и за личен напредок во кариерата. Најмалку мислам на себеси и на Пламен. Најмногу на Ѕвездана и Апостол, на нивната перспектива.

Стојанка на Бисера:

-Да ти кажам јас што мислам, Бисера? Кога би можела да избирам, а за тоа е веќе предоцна, предолго сме овде, фативме корен што се вели, јас би се вратила во мојата Битола, во Македонија. Признавам дека мојата носталгија е поголема и од на Тодора и од на нашите синови Блажо и Александар, и на ќерка ни Невена. Не се малку речиси две децении. Овде сме стабилизирани, бизнисот ни оди добро-немаме потреба од поголем сервис за автомобили, куќава ни е доволна, комотна, вклопени сме во срединава и околинава…Тоа е носталгија, но не само таа. Мислам дека има право поетот кога вели дека „и угаснато домашно огниште повикува и чека да биде обновено, повторно да се запали и разгори огнот во него“. Особено во овие пресудни и драматични моменти за опстанокот на нашата татковина.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 75

Тодор на Стојанка:

-Добро, Стојанке, многупати сме разговарале за родољубието, за интересите на народот, за жртвата и саможртвата. Согласни сме дека родољубието е врвно индивидуално и национално самодокажување далеку од родината, а борбата за одбрана на македонизмот и запознавањето на светот со неговите стојности примарна за секој Македонец. Бисера зборува за личен и семеен проблем, за негово решение како животна пресвртница. Бисера, јас ти предлагам да одлеташ дома и заедно да решите. Со разбирачка. Вака, во контакт преку Интернет, на Viber и со SMS пораки не е добро. Голем товар и за тебе и за Пламен и за децата е самотното сопатништво.

Бисера:

-И јас мислам. Ќе одлетам. Веќе побарав од компанијата две недели одмор. Доста се. Се надевам на вашата помош околу прибирањето документи за преселба овде, ако така одлучиме.

Тодор на Бисера:

-Во тоа да не се сомневаш. Знаеш дека и куќава ќе ви биде на располагање како наш заеднички дом додека не стокмите свој. Доволна е за сите до кога ќе биде нужно…Кога ќе полеташ?

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, поглавје 54

-Веќе обезбедив билети за задутре.

Стојанка на Бисера:

-Сигурна сум дека сè ќе средите. Како ќе решите заедно, така ќе биде најдобро. Ќе сториме сè што треба од нас.

Седенката ја продолжија до доцна во ноќта со разговор за самотното сопатништво. Се согласија дека е тоа многу тешко, може да биде најтешко во животот, а последиците од него да бидат несогледливи. Особено кога е збор за љубовта.