51. Родителството
Viber контакт Скопје-Монтреал. Продолжение на разговор меѓу Ѕвездана, Апостол, Пламен и Бисера по разговор за самотното сопатништво, заедништвото и близоста на ближните.
Бисера:
-Ќерко Ѕвездана, сине Апостол, вие пак заедно со татко ви Пламен. Многу се радувам…Само јас без вас и вие без мене. Еднакво.
Ѕвездана:
-Мамо, продолжуваме заедно со тато, а сигурна сум дека наскоро и ти ќе бидеш со нас. Сеедно дали овде, во нашава Габерија, во Скопје или таму, во Монтреал…Тој е веќе твој?
Бисера насмеана:
-Какво е тоа прашање, Ѕвездана? Колку и да сум во Монтреал, колку да е убав и богат, далеку поубав и побогат од Скопје, колку да се повеќе и различни можностите во него, тој не е, ниту може да биде мој.
Пламен исто така насмеано:
-Не ќе е баш така. Зависи колку време си и ќе бидеш таму…Што откри, што осозна, што ти пружи, што најде во него, колку доби од него…
Апостол замислено:
-Најискрено, многу е тешко без родители. Исто е кога се далеку, далечни…Исто е без еден и без обајцата…Јас сум веќе убеден дека беше тотално погрешна вашата одлука да заминете во различни странски градови и земји. За вас, а особено за нас…Друго ќе беше ако обајцата заминевте во Англија или Канада…И за нас.
Пламен:
-Знаеш, мила Бисера, и јас го мислам истото. Направивме непоправлива грешка…
Бисера:
-Што зборуваш, мил мој? Како непоправлива?! И јас сум пред решение…Треба да решиме каде и како натаму…Заедно, се разбира. Да согледаме сè и да донесеме…може конечно решение…Јас сум сè повеќе на мисла дека треба сите да се собереме овде, во Монтреал. Да се преселиме, да се отселиме засекогаш од нашето Скопје, од нашата Македонија…Друго е овде…Во секој случај, наскоро ќе земам од работа две недели слободни и ќе долетам дома. Би било добро во меѓувреме да имаме решение.
Ѕвездана сериозно и со по малку загрижувачки глас:
-Со другарките и другарите на училиште често, со Апостол речиси секој ден разговараме за родителството. Тоа е различно и од одамна и од неодамна, ама отсекогаш било, е и секогаш ќе биде нужно, неретко судбоносно и за родителите и за децата. Без оглед на разликите во годините…Сами се земаме за пример…Со Апостол и неколкумина мои и негови школски на таа тема подготвуваме музичко-визуелна инсталација.
Пламен:
-Мене веќе ми го презентираа концептот. Многу е интересен и инвентивен. Опфаќа повеќе димензии.
Бисера:
-Многу ме радува. Не ме чуди како ви се наметна родителството како идеја…Јасно е…Нашава моментна ситуација…Брзо ќе ја надминеме!…Заедно!
Апостол:
-Мамо, што мислиш ти за родителството?…Те изненадив со прашањево?
Бисера замислена:
-Што мислам јас?…Јас мислам дека денес е многу поразлично од порано. Најпрвин, тоа е сè помалку поврзано со рожбата, со раѓањето. Не мислам теистички. Во светот и кај нас рожбата сè помалу зависи од плодноста, од можноста, од способноста за плодење, па и за раѓање…Мислам дека родителството во најголема мера е насочено и се насочува кон одгледувањето деца, нивно созревање, подготвување за самостоен живот и изградување во здрави личности…Да, личности…Меѓусебното почитување, пак, иде од разбирачката, толеранцијата, спомагањето, индивидуалните слободи и споделените обврски…
Во збор ѝ влегува Пламен, со по малку нервозен глас:
-А заедничката живеачка? А семејното огниште?…Дури и кога секој трга по свој пат? Кога се делат, кога се разделени?…И кога се самотни сопатници, како нас?
Бисера отсечно:
-Не се сите родителства исти, Пламене мој. Особено кога е збор за благодарноста и неблагодарноста. Има длабоко вкоренети, времени, заборавени…А што мислиш ти?
Пламен:
-Јас мислам дека и родителите и децата треба да се замислат и да се загрижат поради она што се случува во светот и сè повеќе кај нас. Најмногу поради она што се случува со домашното и семејното огниште, со гаснењето на огнот во него…Родителството станува сè повеќе анимално…
Ѕвездана:
-Прашав не поради нашиот проект, туку за да го наметнам тоа при одлучувањето што, како и каде ние натаму. И родителски и како родители и деца. Да одлучиме што побрзо.
Поразговараа уште некое време за различни работи. Славка се вклучи со жалба дека Ѕвездана и Апостол ја слушаат сè помалку. Таа е сè помалку „главна за сè“. Во весела расположба потсети на својот став дека самотното сопатништво на Пламен и Бисера нема да ја проблематизира само нивната меѓусебна врска, љубовта, туку во голема мера ќе влијае на односот помеѓу нив и децата. Дека нивната привремена разделба и раздалеченост ќе има несогледливи последици. Но, најважно е таа да се надмине што поскоро.