28. Согледба на еден свет
Ненужна, а полезна е согледба
на свет роден за да расте
и едновремено да се вкоренува
во постоење живородно.
Согледба која ќе значи
почеток со нов почеток негде,
којзнае кога, од кога,
како соголено семејно дрво
по негови собрани плодови.
Еден свет е меѓу светови
што растат и се вкоренуваат
во свеста на народ древен
меѓу земја и небо,
на раб на време кое
како сон од копнеж надоаѓа
сосе изгрев на сонце,
сосе залез на месечина,
сосе ѕвезди неугасливи.
Првин согледбата
не открива форма во која
би можела да се собере
сета содржина на играта
за игра небрежна
како предодредена
на непрегледност,
а сетне се обликува
како грамаден паметниик
од мрамор.
Најсетне во рани зори
излегуваат стари луѓе
со снеможени снаги,
меѓу снажни млади,
и заедно тргаат со бавни,
но стамени чекори
кон скрвавен хоризонт
што им се чини последен
во нивната непокорливост.