Има нешта што не се мерат со квадратни метри, туку со идеја. Полјаците токму така и пристапија кога ја изградија најтенката куќа на светот – широка „цели“ 72 сантиметра – и без срам рекоа дека во неа може да се живее нормално. Не комфорно, не пространо, туку нормално, во онаа човечка смисла дека ти е доволно ако имаш каде да легнеш, да седнеш, да помислиш.
Оваа необична куќа ја населува Етгар Керет, израелски писател познат по кратките, прецизни и малку иронични удари врз секојдневието. И како што неговите раскази се тесни по форма, а широки по значење, така и неговиот дом во Варшава одбива да се рашири повеќе отколку што мора. Тука нема класични маки со внесување ормани, брачни кревети или машини за перење – едноставно затоа што најверојатно и нема каде да се внесат.
Кога архитектурата одбива да се извини
Куќата, во најтесниот дел широка само 72 сантиметра, а во „најширокиот“ дури 122, се протнува меѓу две постоечки згради како мисла што одбива да биде избришана. Формално, таа и не е куќа во класична смисла. Води како уметничка инсталација, бидејќи не ги исполнува строгите градежни прописи на градот. Токму затоа е уште поинтересна – не бара дозвола да постои, туку ја оправдува својата смисла со самото постоење.
Проектот е дело на полското архитектонско студио Centrala, кое намерно одбра да не го „поправа“ просторот, туку да го искористи она што сите други го сметаат за грешка – празнината меѓу две згради. Таа празнина, вообичаено невидлива и нефункционална, тука станува дом.
Живеење во стеснета форма
Во оваа куќа Керет живее мошне, мошне стеснето, но не и осакатено. Има ходник, има тоалет, има спална соба. Се е сведено на минимум, но ништо суштинско не е укинато. Просторот те тера да се движиш внимателно, да не натрупуваш, да не се шириш повеќе од потребното – и физички и ментално.
На некој начин, оваа куќа е архитектонски коментар за современиот живот. Доказ дека не мораш да имаш многу за да имаш доволно. Дека празнината меѓу две структури може да стане засолниште, а ограничувањето – форма на слобода.





