39. Бисера, Пламен, Ѕвездана и Апостол
Viber-видео контакт.
Бисера:
-Пламен, мил мој, Ѕвездана и Апостол, мили деца мои, не сме се виделе цела недела. Контактиравме само со SMS пораки. Не знам зошто и не можам да си објаснам. Како сте ми?
Ѕвездана:
-И јас и Апостол не можеме да си објасниме. Белки нема никаква причина…Добро сме…Јас можам да ви се пофалам со две убави нешта: подготвувам самостоен концерт во Музичкиот салон во Скопје, посветен на Шопен. Знаете колку го сакам Шопен. Ќе свирам негови валцери и ноктурна. Тежината на изведбата само ја потврдува нивната едноставност. Веќе ме обзема возбудата пред секој концерт. Второто нешто е…Вљубена сум, имам дечко.
Бисера:
-Браво за концертот, а за дечкото…Ти се гледа на лице, убавице моја. Многу ме израдува. Очекувам скоро да ни го претставиш. Може и да го вклучиш во нашиве контакти…Апостоле, сине, има нешто ново кај тебе?
Апостол:
-Немам за фалење како Ѕвездана. Секој ден имам многу за учење…Почнав мошне амбициозно да планинарам со група школски другари. Од осумдесет и петте врвови во Македонија повисоки од две илјади метри, веќе ги искачивме Меденица на планината Бистра, 2163 метри, и Магаро, трет по височиона на Галичица, 2254 метри. Немате претстава какво е доживувањето и уживањето кога сте на нив.
Пламен:
-А ти, мила моја Бисера? Како во Монтреал?
Бисера:
-Како може освен супер? Секој ден откривам во него нешто ново, најчесто изненадувачко. Работата во медицинската клиника, во одделот за гастроентерологија веќе ми е со вообичаен ритам. Во Невролошкиот институт сè уште се обидувам да се вклучам во некој интересен проект. Сигурно ќе успеам скоро…Веќе ти пишав за двјацата мои пријатели, виолинистот Жан Кадре и сликарот Сем Пери. Сè почесто сме заедно, ме запознаваат со знаменитостите на Монтреал.
Пламен:
-Баш ми е драго. Поздрави ги пријателите…Не ги спомнуваш Грозданови. Веќе не се дружиш со нив?
Бисера со широка насмевка:
-Како да не! Тодор, Стојанка, Блажо, Александар и Невена се прекрасни! Станавме ептен блиски. Тие ми се главни „водичи“…Монтреал, мил мој, е особено интересен за тебе со својата стара архитектура.
Мили мои, и порано сте го гледале ова зад мене. Да, Подземниот град, мојата веќе омилена пешачка зона, инаку најголема на светот. Официјалното име му е RĖSO или La Ville Souterraine. Станува збор за меѓусебно поврзани комплекси изградени над земја и под земја, а го „зазема“ центарот и околината на градот со големина од околу дванаесет километри. „Врзани“ се со дури 32 километра климатизирани и осветлени тунели. Има трговски центри, станбени згради, хотели, станови, банки, деловен простор, музеи, 34 киносали, многубројни ресторани, универзитети, седум метро станици, две железнички станици, регионални автобуски терминали…Има над сто и дваесет надворешни места до него. Дознав интересен податок: во зима секој ден во Подземниот град се „сместуваат“ повеќе од петстотини илјади луѓе.
А што има ново кај тебе, Пламене мој?
Пламен сериозно и по малку замислено:
-Имам да ви соопштам, мили мои Бисера, Ѕвездана и Апостол, дека сум пред одлука да дадам оставка во компанијата, да го напуштам Бирмингем и да се вратам во Скопје. Или…
Бисера изненадена:
-Пред конечна одлука?! Или?
Пламен со ведар глас:
-Или сите да се собереме и да се преселиме кај тебе, Бисера. Во Монтреал.
Апостол:
-Тоа би било супер, тато…во Монтреал. Знаете и сами, иселувањето од Македонија од ден на ден е сè помасовно. За жал, најмногу со карта во еден правец…Ја знаете состојбата во државата. Катастрофа на секој план.
Ѕвездана:
-Да, во Монтреал…со моето пијано…Моја музичка надградба, концерти во Монтреал, ширум Канада…
Бисера замислена:
-Тоа е многу важно…Може да биде судбинска одлука…Треба сите добро и темелно да размислиме. Монтреал или Скопје, Канада или Македонија…Карта во еден правец…Го разбирам твоето разочарување, Пламене мој, но…Мислам дека е прерано…Ајде ова да го оставиме за другпат. Не треба брзање.
Пламен:
-Опцијата Бирмингем за мене е неприфатлива. Не е проблем градот, туку атмосферата, англискиот менталитет…Сум за враќање во Скопје, ама состојбата во Македонија како што вели Апостол…
Се поздравија и закажаа нов контакт по два-три дена.