19. Постојаноста негова
Го гледаат и слушаат
каков што е:
е во постојаноста,
е меѓу два мига минливи,
е меѓу два мига во карпа
изделкани,
неразделни траги
на нескршлива стаменост.
Стојат пред него долго
барајќи своја стојност,
без оглед на тишината
што ги обзела откога
почнаа селидбите
во простори обградени
со дребнавости.
Чувствуваат како
во нивните срца,
во нивните мисли
и во нивните говори
се раѓаат спокој, сомнеж
и надеж едновремено;
дека токму постојаноста
ќе им покаже кон каде
води неизвесноста
до скорашни огнови
среде игри
колку бесцелни,
толку беспатни.
Едни наслушнуваат,
други слушаат
екотна песна негова,
но сè уште никој
не ја разбира суштината
на постојаноста
како корен плодоносен,
како изгрев несопирлив,
како минато и иднина
неделиви.