СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 4 минути

36. Семејството и семејните вредности

Ѕвездана и Апостол излегоа на вечерна прошетка и седенка во некое од бројните кафулиња во центарот на Скопје, на кејот на Вардар. Случајно забележаа дека во Центарот за култура и информации токму оваа вечер се организира јавна трибина на тема „Семејни вредности“. Ќе говори меѓународно реномираниот македонски социолог Доктор Светомир Соколовски. Тема која и кај нас и во светот е мошне актуелна во последниве децении. За семејните вредности често разговараа дома, додека беа заедном со Бисера и Пламен, па многу нешта во врска со оваа проблематика им беа познати. Без размислување, само со погледи се согласија да појдат и да го ислушаат говорникот.

Салата беше исполнета до последното место, а имаше повеќе млади, момчиња и девојки, одошто стари.

Доктор Светомир Соколовски прилично време потроши на пренесување на општите знаења и сознанија за семејните вредности: тие се традиционални или културни, а се директно и индиректно поврзани со семејната структура, односно со функцијата, улога на семејството, животниот ритам и меѓусебните, особено меѓугенерациските односи; главната релација во заедницата е меѓу родителите и децата.

Ги спомна најпознатите дефиниции на семејните вредности, оние што ги потенцираат искреноста, лојалноста, трудољубивоста и верата; потоа оние кои во прв план ги ставаат функционирањето на семејството и јакнењето на општеството; како и оние вредности што се негуваат и постојано се богатат во рамките на семејството, имајќи ги предвид високите морални стандарди.

Како основна клетка на едно општество, семејството е сложен феномен кој инсистира на научен третман, а за најприфатлива дефиниција се смета онаа што го третира како интимна група на луѓе меѓусебно поврзани со крвни, сексуални или правни врски. Притоа, треба да се имаат предвид неговите универзални фуникции-биолошко-репродуктивната, економската, социјализаторската односно воспитно-образовна и сексуалната.

Соколовски детално говореше за биолошко-репродуктивната функција, нагласувајќи дека неа не ја смета само како задоволување на половите нагони и емотивните врски, како и за раѓање и растење на деца односно потомство, туку ја смета за суштествена во однос на континуитетот на опстанокот и смислата на постоењето. Ги има предвид нискиот наталитет, дезинтеграцијата и дезорганизацијата на семејството; разделувањето и намалувањето сè до биолошко исчезнување. Сето тоа е последица на стандардот, еманципацијата на жената, социјализацијата на општеството и улогата на државата.

Цитираше мисла на Дејв Вилис, која на Ѕвездана и Пламен многу им се допадна: „Семејството не е дефинирано само по презимето или крвта, тоа е дефинирано според посветеноста и љубовта. Ова значи да бидете таму кога сте потребни најмногу. Ова значи да се грижите еден за друг. Ова значи да се сакате едни со други дури и во оние денови кога не можете да се поднесете. Ова значи никогаш да не се откажете едни од други“.

За семејните вредности вградени во различни политики: семејните вредности како приоритет, пред сè потребите на семејството во однос на потребите на поединците; во тој контекст особено системот на социјалната заштита. Не пропушти да ги спомне семејните вредности наспроти абортусот, правата на хомосексуалците и феминистичките цели, што е на пример една од главните заложби во политиката на конзервативците во САД.

Долго говореше за семејството денес. Традиционалното се распаѓа, а децата сè почесто ги подигаат самохрани родители, баби и дедовци, тетки, чичковци, хетеросексуални двојки кои не се во брак и хомосексуални парови. Некои растат со роднини или во домови за згрижување. Друг е животот на децата на разведени родители, кои живеат со едниот родител едниот дел од неделата или месецот, а со другиот другиот дел.

Ги издвои семејните вредности во културата, најтесно поврзани со верата, религијата, посочувајќи на влијанието на проширеното семејство врз чувството на идентитетот.

Престана да зборува за миг, загледан во присутните, и заклучи:

-Сосема накусо ви пренесов некои основни нешта, суштински сознанија и знаења за семејството и семејните вредности. Би сакал да поразговараме на една според мене клучен процес, а од кој буквално зависи егзистенцијата на човечката цивилизација: големата криза на семејството денес. Повелете со ваши прашања или лични мислења.

Ѕвездана и Апостол се погледнаа. Не чекајќи да се јави некој, прва стана Ѕвездана:

-Господине Соколовски, зошто инсистирате на криза на семејството и семејните вредности, а не на негова преобразба и нови?

Доктор Светомир Соколовски ѝ се насмевна и одговори:

-Делумно сте во право. Во нашево време семејството се преобразува, а може да се рече дека во голема мера е преобразено. Се зборува за работничко-службеничко семејство како доминантна економска заедница која се одликува со голема динамика и отвореност. Го нарекуваат и „семејство на тркала“.

Меѓутоа, размислете за ова: во семејството денес е веќе доминатно материјалното, дури на сметка на среќата и радоста во односите. Претпоставувам дека ви се познати последиците од технолошкиот развој, урбанизацијата, личната кариера. Младите го бараат својот идентитет во конформизмот, а небрежноста на родителите оди дотаму што свесно или несвесно им ги пренесуваат на децата сопствената анксиозност, агресивноста, непријателските нагони. Се губи емоционалноста.

Кога зборувам за криза на семејството, го имам предвид најпрвин не променетиот, туку разурнатиот, уништениот систем на семејните вредности. Од една страна се надминуваат нееднаквоста, родителскиот авторитет, доминацијата, но дали наспроти нив се развиваат еднаквоста, почитувањето и љубовта? Што е со сексуалните функции издвоени од репродуктивните? Сте размислиле ли за последиците што се изразуваат со радикално намалување на наталитетот, слабеењето и губењето на роднинството, поетот би рекол сушењето на коренот на семејното стебло?

Се согласувам дека се зголемуваат правата и слободите во семејниот круг. Видлива е рамноправноста и еманципацијата на жената во однос на мажот, особено кога станува збор за семејните обврски и секојдневноста. Меѓутоа, сè поголемата лабилност на семејството резултира со зголемено отуѓување на поединецот. Посочувам на злоупотребата, недостигот од грижа за децата.

Мојот став е дека е веќе започнат процесот на уништување на традиционалното семејство. Она што се нарекува нетрадиционално всушност не е семејство, туку родствено-неродствена заедница од затворен тип чија егзистенција ќе зависи најмногу од хуманизацијата на човечката цивилизација.

Доктор Соколовски праша дали се јавувај некој друг. Не се јави никој и тој се заблагодари на вниманието. Трибината заврши.

На излегување од Центарот за култура и информации Апостол ја праша Ѕвездана:

-Мислиш дека и нашето семејство е во криза?

Ѕвездана;

-Не знам што да мислам. Се надевам не.

Молчешкум се упатија кон дома.

Leave the first comment