СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 3 минути

33. Која е Славка?

Иако ѝ е втора братучеда на Бисера, по мајчина линија, Славка уште од деца ѝ е блиска како сестра. Славка е две години помлада од Бисера. Растеа заедно, домовите на нивните семејства во селото Изгрев долги години ги делеа плот. Играа, учеа и студираа заедно. И додека Бисера студираше на Медицинскиот, а Славка на Филолошкиот факултет-општа и компаративна книжевност. Останаа како сестри и во младешките години и по првите љубови; ги разделија мажачките и формирањето свои семејства. Но, пак се поврзаа, поточно е да се каже пак се врзаа по пропаѓањето на бракот на Славка Миновска со Никола Павловски. И тоа уште повеќе, поцврсто, досега неразделно.

Славка долги години бараше работа како професор по книжевност. Конкурираше дури и на факултетот на кој ги заврши студиите со просек на оценки девет и четириесет и пет. И пред и по бракот. По раскинот дигна раце, изгуби амбиција и надеж, се врати кај веќе старите и снеможени родители Коста и Тодора, и живееше со нив до нивната смрт сиромашки, со скромната пензија на Коста.

Бисера и Пламен од ден на ден имаа сè поголеми работни ангажмани од една, а од друга страна сè повеќе се посветуваа на професионалното усовршување; што, пак, им овозможи релативно висок животен стандард, значи со доволно средства за живот во Скопје, во куќа од осумдесетина квадрати во елитната населба „Габерија“. Разбирливо, животот им се усложни откако ги посвоија Ѕвездана и Апостол, ги презедоа од домот за незгрижени деца. Тоа го прифатија како нужност, но единствено решение им беше да ангажираат, да вработат негувателка која во голема мера, може да се рече целосно би ги презела и куќните работи. Бисера веднаш помисли на нејзината втора братучеда, но се плашеше да не ја навреди со понудата, таа улога да ја смета за слугинска. Се договорија со Пламен да ѝ предложат крајно внимателно, претходно со запознавање на нејзините размислувања за личната иднина. Решија да ѝ понудат и вселување во нивната куќа, имаат за неа посебна соба.

Славка прифати веднаш, без размислување, без двоумење и со нескриена радост. Се всели во домот на Бисера и Пламен, со нагласена забелешка: Ѕвездана и Апостол да ја прифатат како тетка, како втора братучеда на мајка им; тие се доволно големи за да го разберат тоа и да имаат „службен“, а не роднински однос. Меѓутоа…

Веќе повеќе од десет години животот и меѓусебните односи во домот на Бисера, Пламен, може да се рече и на Славка се одвиваа беспрекорно, со мали, но лесно надминливи недоразбирања и решливи проблеми. Славка ги презеде сите куќни работи, од чистење и уредување на домот и дворот околу него, грижа за секидневните потреби и ритуали на сите, па сè до следење, помагање и поттикнување на Ѕвездана и Апостол во учењето. Стана „главна за сè“.

Воопшто не ѝ се допадна одлуката на Бисера и Пламен да тргнат сами на своите наспоредни врвици на животот; таа во Монтреал, тој во Бирмингем. Не ѝ се допадна нивната разделеност, без оглед што и неа и децата ги убедуваа, таа смета дека и самите себеси се убедуваат неуспешно, дека тоа е само привремено, кратко; ќе трае неколку месеци, најмногу година, а потоа пак ќе бидат заедно, сеедно каде-во Скопје, во Македонија, во Бирмингем, во Англија, или во Монтреал, во Канада. Не си дозволи да им се спротивстави, тоа е нивна одлука, но е слободна да го каже својот став отворено, без никаква задршка: може и од дома да се напредува во професијата на меѓународен план, стручноста и посветеноста во нашево време е несопирлива, безгранична; во таа смисла и Бирмингем и Монтреал и која било друга метропола, светски бизнисменски, научен, културен и секаков друг центар се блиски; врските не се дневни, туку часовни, па и минутни, па и моментни имајќи ги предвид интернетските врски.

И не е само проблематизирање на нивната меѓусебна врска, љубовта, туку и односот помеѓу нив и децата. Дури посочи на себеси, конкретно на причината за раскинот на бракот со Никола Павловски-неговите чести и долги бизнисменски престојувања во странство. Сериозно им забележа и за пренебрегнувањето на личните интересирања, надареноста, предиспозициите, јасните и цврсти животни врвици на Ѕвездана и Апостол, што веќе се одрази на наклонетоста, па и определбата за еден од нив; Ѕвездана за Пламен, а Апостол за Бисера. Нивната привремена разделба и раздалеченост со несогледливи последици таа го нарече самотно сопатништво.

Ја нагласи и поврзаноста на таквата нова ситуација со дефинитивното неверување во подобро утре во нивнава држава, односно дека собитијата неминовно водат и ќе доведат до нејзино конечно разнебитување. Во тој контекст го искажа ставот за родољубието-дека е во срцето на човек со свое и заедничко време со ближни, сожителни, сопатници и споделувачи.

Забележливо е дека од речиси секојдневната интернетска-Viber и SMS комуникацијата практично е исклучена Славка; таа не се ни спомнува, а и самата не учествува во неа. Нарушени им се односите? Засега не, таа има разбирање. Едноставно, за неа се доволни поздравите и заедничкото следење-читање и слушање на таа комуникација. Во наредниот период очекува и Бисера и Пламен да ја побараат, да ѝ се обратат, да ја прашаат за што било.

Leave the first comment