ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

36. Пуста пустелија

Скиталец и намерник. Скиталецот го слуша намерникот во молк и длабоко замислен:

„Овие урнатини некогаш беа жив град. Во кој се живееше слободно, пристојно, со доволност на сè за сегашност и перспективна утрешнина. Кога некогаш? Па, не така одамна. Јас бев последен што го напушти. Нерадо. Пред точно педесет и девет години…Го напуштив последен, навистина нерадо, по цели седум години самотнички живот во него.

Беше не многу голем град, со централен и периферен дел. Деловен центар и приградски населби. Се разбира дека не сум му го заборавил името, ама е тоа неважно бидејќи нема никаква трага на некогашно постоење, на живот и на смрт. Од него се само безимениве урнатини. А и бидејќи никој не ни помислува, ниту некој ќе се обиде барем во догледно време да почне да го возобновува.

Како зошто да остане безимен?! Па затоа што е отровен!…Затоа и сме на ридов и не ни помислуваме да слеземе во него, да се прошетаме низ неговите пусти улици и булевари.

Ако не си знаел, урнатиниве на наш доглед се пуста пустелија во вистинска смисла. Во која нема никогаш ништо да заживее одново, во која секакви невремиња, силни ветришта и песочни бури го покриваат подлабоко отколку што тоне во заборав.

Можам многу да ти раскажувам и прикажувам за некогашниот живот во градов, скиталецу, пријателе мој, ама не знам зошто. Можеби само зошто јас бев последен што го напушти.

Се надевам дека разбра на што мислев кога ти реков дека е тој отровен и разбра на какво труење мислев. Се разбира, не во буквална смисла. И денес како со децении наназад нема град во светот во кој воздухот не се труе катадневно, во кој со секакви отрови и свесно и несвесно се убива животот во нив. Народот се навикнува, се прилагодува, рамнодушно го прифаќа забрзаното умирање со неизлечиви болештини.

Градов во урнатини е отровен и отруен, без живот и без смрт од изродници, предавници, откорнатици ниедни, платеници, мафијаши и политиканти. Од луѓе нелуѓе, без самосвест, без лично достоинство, без основно познавање на сопственото минато, без сегашност и иднина, без идентитет, без доблест. Врз жителите на градов тие, таквите постојано, деноноќно фрлаа секакви отрови на нетрпеливост, нетолеранција, самоуништување, агресивност; обезвреднување на сè создадено и изградено, уривање на сè вредно и убаво.

Да, добро забележа, намерно не ги спомнав политиката и политичарите. Зашто не стануваше збор за никаква политика, а ретките прави политичари-предводници и визионери многу брзо беа прво оневозможени од политикантите да дејствуваат, за потоа еден по еден да ги натераат да се повлечат во анонимност, да се маргинализираат и сосе семејства да се иселат.

Јас последен го напуштив градов, по цели седум години самотнички живот во него, зашто се надевав дека ќе се најде макар еден во светот што ќе посака да го заживее и да почне да ја надживува смртта.

Ај сега ти и јас, безнадежни скиталец и намерник, да ги гледаме урнатиниве во молк до зајдисонце. Потоа заедно ќе го продолжиме нашето бесцелно одење во неврат“.

Leave the first comment