10. Оживување
Со поглед и допир
моја сенка оживувам,
умрена пред зајсонце,
пред моето последно
исчезнување во нов
заумен свет.
Ми се заблагодари
и замина не знам каде
откога ја убедив дека
сè уште имам нова,
жива
зашто сум уште жив.
Со поглед и допир
моја земја оживувам,
запустена пред замин
на рожба последна
во непознат предел;
врз кого постојано
навалуваат невремиња.
Ми се отвори мигум
и ми понуди да влезам
во неа,
ветувајќи дека секако
ќе ми помогне
колку може побрзо
да се вкоренам
зашто сум уште жив.
Со поглед и допир
моја стена оживувам
на сончевина;
во неа трага
на достоен опстој
вдлабувам;
за кога со молскавица
во молскавица
ќе оживеам
светот нов заумен
да ме научи
како со крв непремолк,
како со оган непребол.