Потребно време за читање: 6 минути

110. Брак-Дом-Деца

Жена и маж-љубов до брак и во него. Жена и маж во свој дом-љубов и деца. Дом и деца-богатство од љубов, во љубов, со љубов и за љубов меѓу маж и жена.

Брак за сопатништво и за споделување. Љубов во доверба и со доверба. Корени, семејство, оган што опстојува во секакви и низ секакви невремиња.

Дом во кој огнот на љубовта не згаснува сè додека е тој со спокој и достојание.

Децата радост во домот сè додека животворноста е од изгреви до залези.

Македонски народни пословици и изреки

Ако се ожениш, арно ќе сториш, ама гледај дали ќе можит жената да ја раниш.

Арно е да имаш жена и умна и лична, арно ама Господ две добра на едно место не дава.

Без жена куќа, клај му го огно од врата и изгори ја.

Галената невеста не ја риза свекрвата.

Грда нека е жената, ама уредна да ѝ е куќата.

Дај му на жена узда, ако сакаш да ти запусти куќата.

Добрата жена куќата отвора, а лошата-затвора.

Жена умна и разумна не го остаа мажо да страда.

Жените се плачат од мажите, а мажите од жените.

Ако ти е жената верна и работна, полна ќе ти биди куќата.

Ако немаш пари, и жената не те чести.

Ако е мажот пијаница, жената ќе биди маченица.

Ја растурила жената куќата како табаана.

Мажо е борчлија да носи дома, а жената-да го спастри.

Маж без жена непара го прилега.

Каков му ет умот, таков му ет и домот.

Далеку оди, ама и за дома мисли.

Ако биди мажот пијаница, тешко на негоите деца и на негоата домаќинка.

Галените деца се качуаат на трпеза.

Децата гајле не берат, затоа и брго растат.

Децата на татка си ја ќе му ја отворат куќата, ја ќе му ја затворат.

Децата си играат како браќа, ако не се родени од една мајка.

Жени мрзливи седат без работа, ако децата му одат без кошула.

Мрзливи жени-деца вошливи.

Лебо од децата си го дели и во борч не сака да влези.

Не ујдисуј се со умо од децата.

Со деца не вјаај на кола, оти ако паднат од колата ќе плачат, а пак ако ти се скрши колата ќе ти се смеат.

Со деца не сркај маштеница оти ќе те испрскаат.

Пословици и изреки од народи на светот

Љубовта е слепа, но во бракот брзо прогледува. (Романска)

И кога спијат на една перница, мажот и жената сонуваат различни соништа. (Монголска)

Бракот е како кокошарник: еден сака внатре, а други надвор. (Германска)

Брзо се сушат солзите на погреб на богати родители. (Германска)

Лош маж не може да биде добар човек. (Англиска)

Бракот и макароните се добри единствено кога се жешки. (Италијанска)

Децата добиваат удари кои нивните родители ги заслужиле. (Италијанска)

Ако се ожениш набрзина, ќе се каеш без брзање. (Српска)

Нема товар без дете. (Српска)

Куќа без жена, воденица без вода. (Ерменска)

Жената е несреќа, но ниеден дом нека не биде без неа. (Персиска)

Децата се човекови крилја. (Арапска)

Грди деца можат да имаат само други родители. (Руска)

Своите деца сакај ги со срце, а воспитувај ги со раце. (Украинска)

Жена која има ќерка седи на столица; жена која има синови се потпира на ѕид. (Индиска)

Децата се огледало на родителите. (Кинеска)

Кога таткото му дава на синот, обајцата се смеат; кога синот му дава на таткото, обајцата плачат. (Еврејска)

Кој не ги бие своите деца, се бие во своите гради. (Турска)

На саканото дете казната му е најубав подарок. (Шпанска)

Домисла, гесло, мисла водилка

Институцијата во која жените најчесто заземаат раководна позиција е бракот.
Непшабадсаг

Децата често зборуваат вистина; штета е што немаат повеќе авторитет…
Непшабадсаг

Бракот од сметка може да биде среќен ако е сметката правилна.
Литературнаја газета

Бракот од сметка има една добра страна-развод поради љубов.
Литературнаја газета

За да доживеете златно доба, неопходно е да имате златен карактер.
Литературнаја газета

Децата треба да се воспитуваат од моментот на раѓање на нивните родители.
Литературнаја газета

Подобар е недонесен син, подобар е мртов син одошто будалест син, зашто поради првите двајца жалоста минува, а поради третиот засекогаш останува.
Хитопадеша

Нервниот слом е наследен-го добиваме од своите деца.
Анонимус

Рекле, издумале

Бракот е заедница која се состои од еден господар и една господарка, и од двајца робови.
Емброуз Бирс

Добро отвори ги очите кога се жениш, а после затвори ги.
Вилјем Шекспир

Се жениме според инстинктот, се разведуваме според разумот.
Вилјем Шекспир

Љубовта спаѓа во физиката, а бракот во хемијата.
Александар Дима

Најголем доказ на пожртвување во љубовта е-да се венчаш.
Хајнрих Хајне

Треба да се ожениме со таква жена која би ја зеле за пријател да е маж.
Жозеф Жубер

На децата им се потребни примери, а не критика.
Жозеф Жубер

Љубовта е слатко ропство, бракот е ропство без сласт.
Бранислав Глумац

Бракот е често вистинска грозница: пред склопувањето е стравување, на почетокот температура, подоцна главоболка.
Франк Фај

Сопругите на младите мажи им се љубовници, другари кога ќе станат средовечни и дадилки во старост. Така мажот има причина да се жени во секоја доба на животот.
Френсис Бекон

Децата го засладуваат трудот, но неволјите го прават горчлив.
Френсис Бекон

Бракот најчесто се состои од еден лажливец и еден насилник.
Јован Дучиќ

Жената треба да му благодари на Бога ако нејзиниот маж има грешки. Маж без грешки е опасен набљудувач.
Лорд Џорџ Сарли Халифакс

Маж кој сака да изненади, често бидува и тоа како изненаден.
Франсоа-Мари Аруе Волтер

Најдобар дел од брачниот живот се кавгите. Остатокот е како-така.
Оскар Фингал Вајлд

Најглавен недостаток на бракот е што нè лишува од егоизмот. А луѓето ако не се себични, им  недостасува индивидуалност.
Оскар Фингал Вајлд

Децата почнуваат со љубов спрема родителите. По извесно време тие им судат. Ретко или никогаш не им простуваат.
Оскар Фингал Вајлд

Ако е морален само бракот заклучен од сметка, тогаш морален останува само оној брак во кој љубовта и натаму постои.
Фридрих Енгелс

Колку е бракот подолг, речениците се сè покуси.
Душко Радовиќ

Децата се почесто деца на нашите пороци, одошто на нашите добродетелства.
Душко Радовиќ

Бракот во извесни случаи е страотна заблуда од една страна и страотна измама од друга.
Иво Андриќ

Во долгогодишен брак постои благословено слепило за оние што стареат еден крај друг.
Шарл Монтескје

Браковите во младоста ги прават среќни сетилата, во зрелите години навиката, а во староста заемната потреба.
Даниел Деј Луис

Што значи венчавката? Каква е разликата, во суштина, дали некој измастен брадосан оџа промрморел неколку збора или не?
Кемал Ататурк

Бракот е средство за полесно поднесување на патила од кои се поштедени неоженетите.
Ханс Хабе

Во брачниот договор би требало да пишува: се обврзувам дека ќе се одрекнам од последен збор.
Ханс Хабе

Во бракот се среќни само оние што немаат фантазија.
Хенри Луис Менкен

Се запознаваат три недели, се сакаат три месеци, се караат три години, а се поднесуваат триесет години. Нивните синови и ќерки го прават истото.
Иполит Адолф Тен

И најумните луѓе купуваат чевли со поголемо внимание одошто кога избираат свој животен партнер.
Николај Љесков

Треба да се ожените само со убава жена, инаку немате никакви изгледи да се ослободите од неа.
Дени Кеј

Подобро е да се биде добро обесен одошто лошо оженет.
Серен Кјеркегор

Сепак е подобро да се биде оженет одошто погребан.
Жан-Батист Поклен Молиер

Среќно оженет човек е оној што разбира секој збор што неговата жена не го изговорила.
Алфред Хичкок

Би се оженил со девојка која денека ќе ја внесат, а утре ќе ја изнесат.
Плаут

Археологот е најдобар сопруг кого жената може да го има: колку е таа постара, толку тој повеќе се интересира за неа.
Агата Кристи

Не недостаток на љубов, туку недостаток на пријател создава несреќни бракови.
Фридрих Вилхелм Ниче

Животот е вештина, а брачниот живот е најтежок дел од таа вештина.
Макс Вебер

Бракот е лутрија во која мажот ја става на коцка својата слобода, а жената својата среќа.
Франсоаз Саган

Таму кај што бракот е без љубов, ќе има љубов без брак.
Бенџамин Франклин

Едни никогаш не се ожениле и тоа била нивна грешка, други се ожениле и тоа им била казна.
Роберт Бартон

Човекот патува низ светот за да најде што сака и се враќа дома за да го најде тоа.
Томас Мор

Ако си го изгубил својот дом, каде ќе побараш утеха?
Еврипид

Домот човеков е оној дом во кој човекот живее онака како што сака.
Перл Бак

Ние не сме дома таму кај што престојуваме, туку таму кај што нè разбираат.
Моргенштерн

Домот е првата линија на одбраната.
Хенриета Золд

Домот е место кое човекот не го сака помалку иако во него пател.
Џејн Остин

Паметните родители им допуштаат на своите деца понекогаш и да згрешат.
Махатма Ганди

Детето е татко на човекот.
Сигмунд Фројд

Нашите деца-тоа е нашата старост. Правилното одгледување е нашата среќна старост; лошото одгледување е нашата идна несреќа, нашите солзи, нашата вина пред други луѓе, пред целата земја.
Антон Семенович Макаренко

Дали го знаете најсигурниот начин со кој можете да го турнете своето дете во несреќа? Допуштете му да направи сè што ќе посака.
Жан-Жак Русо

Првите солзи на детето се молби; ако не ги спречите, ќе станат наредби.
Жан-Жак Русо

Од памтивек синовите се понеразумни од татковците, но за среќа стануваат разумни штом ќе станат татковци.
Меша Селимовиќ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here