9. Пламен
Татко ни Пламен е вистински татко, иако не ни е вистински. И татко ни, како мајка ни е веќе во зрелите години. И тој, како таа, на почетокот од месецов наполни четириесет и седум, но тие ниту му се гледаат, ниту му се бројат во очите и на лице. А и на снагата не ѝ тежат, не ни почнала да се свива под нивен товар. Секогаш гордо исправен, со стамен и лесен чекор. Јас и Ѕвездана, сестра ми, не знаеме за ниеден товар на неговите години.
Татко ни Пламен исто како мајка ни Бисера е умен, слободоумен и учен. Почитуван и авторитетен во своите кругови. Од неа се разликува најмногу според пламеноста во зборовите кога расправаат за актуелните собитија во државава и општествово. Му прилега на името. Токму таа-пламеноста ни недостасува откога се насилно разделени, а слободни заедно и откога сме и ние без нив, а со нив.
Ние имаме многу што да раскажуваме за него како вистински татко, иако не ни е вистински. Првично нека е само ова: својата голема љубов спрема Бисера ја крунисал со брак при неизмерна радост по дознавањето дека таа останала бремена, па уште дека носи близнаци, машки. Спонтаниот абортус во петтиот месец го доживеал како голема лична и заедничка трагедија, неизмерна болка. Му требало многу време да ја надмине, прифаќајќи ја, поточно помирувајќи се со препораката таа да не забременува пак оти е ризично по нејзиното здравје, дури и по животот.
Јас и сестра ми Ѕвездана можевме на самиот почеток да посведочиме, а и сега во младешкиве години сведочиме дека самотното сопатништво на татко ни и мајка ни доби сосем нови текови откако нè зедоа од домот за незгрижени деца и откако сме заедно.