Потребно време за читање: 4 минути

35.

Веќе подолго време сум во творечки дух, дури по малу еуфоричен. Расположение кое се јавува кај творецот, особено уметникот при создавање или на крајот од создавањето на дело што го работел некое извесно или неизвесно време. Моја причина: го создавам, го сликам последното или претпоследното масло од циклусот „Невидливи слики“. Мислам дека сум наспомнал за моето сликање недвидливи дела откако сум дамна мртов и жив како мртов (исто е мртов како жив, па затоа е сеедно што сум). Не знам дали некому му треба објаснување, но еве:

Не секој мртов и жив како мртов односно мртов како жив сликар продолжува да создава невидливи дела. Тоа го може само оној што додека бил жив поседувал и по животот поседува нескротлива творечка енергија; со која влегувал и влегува во костец завршувајќи едно истовремено создавајќи ново дело; или, пак, создавајќи неколку наспоредно. Притоа, мора да се има предвид релативноста на невидливоста во творечка смисла и во живиот и во светот на мртвите. Имено, таквата слика во суштина не е невидлива, туку обичните смртници, мислам на сите кои не се како јас и како јас други, просто живееле дури живееле и умреле откако умреле, можат да ја догледаат и согледаат. Сакам да кажам, дека такви слики ниту создаваат, ниту согледуваат и догледуваат оние чии тела умреле еднаш засекогаш, а чии души продолжиле да живеат слободно откако излегле од нив и сè уште го живеат својот втор живот меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав.

Според мене, невидлива слика е онаа што не треба да се гледа со живи очи, туку со чувства. Од сите најпрвин е чувството на допир. Чудно ви е како е можно тоа? Да се гледа со чувство на допир? Зарем некој не знае дека непорочната љубовта согледува и вреднува сè во животот и по смртта најмногу токму со тоа чувство? Да, прифаќам дека не знае, ниту може да знае оној што не ја дожиеал и ја преживеал ни во животот ни по смртта.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јас досега насликав дванаесет платна како невидливи, три со три метри: на денот, ноќта, раното утро, квечерта, полноќта, ниедното доба, потоа на крвта, водата, небото и земјата, како и на светлината и мрачнината. Реков дека штотуку го завршив последното односно претпоследното-дванаесеттото, на ниедното доба зашто долго време се подготвував да почнам со работа на круцијалното во циклусот: одново да ја насликам непорочната љубов на платно шест метри долго и четири метри широко, што го работев без престан два дена и три ноќи, а на кое раскажав една непорочна љубов со чисти и силни бои; само неколку часа потоа ме прибра во себе мојата задоцнета смрт. Кое за жал изгоре заедно со многу други во пожарот на куќата што беше дом мој и на Вера од Јане. Да повторам, моето главно приклучение, но и неколку споредни што се последица од него или го надополнуваат со премрежија и достигнати мали цели, е најмногу поврзано токму со тоа мое дело. Сега сум подготвен, почнувам, иако сè уште не сум сигурен дека ќе успеам да ја насликам невидлива најпрвин како стремеж да ја совладувам безграничноста.

Веќе е договорен терминот за изложба на која ќе бидат поставени во единствената ликовна галерија во Страдец викана „Лично и единствено“: две ипол недели отсега, од оваа ноќ. Поканети се сите видни и влијателни луѓе во секојдневните процеси и дејствија на општествениот живот во Страдец, од политичари до културни, уметнички, спортски и естрадни работници. На поканите што ги подготвив и ги потпишав лично, во форма на корабна гробница чија палуба се отвора и во нејзината внатрешност е нацртана црвена роза, иста како онаа на мојата таена љубов, со краснопис испишав за живите секако нејасна и иззненадувачка порака: „Јас, Ристо од Петар, ликовен уметник мртов и мртов како жив, ќе Ви бидам многу благодарен ако со ваши блиски присуствувате на свеченото отворање на најновата изложба на мои невидливи слики“. Во врска со неа морам да појаснам две нешта, сигурно нејасни за многумина живи и мртви, а веројатно и за некои мртви како живи: морав да нагласам дека сум мртов и мртов како жив зашто сè уште многумина во круговите на видни и влијателни луѓе, кои поседуваат една или повеќе мои слики, не знаат, ни чуле ни разбрале дека сум дамна мртов, односно мислат дека сум уште жив; од друга страна, пак, нагласив и дека станува збор за невидливи слики за да го предизвикам љубопитството на поканетите, но и за тие да бидат однапред подготвени на доживување, догледување и согледување на моја единствена творечка авантура во буквална смисла на зборот.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Не бев многу изненаден, но сепак ми дојде мило на душа дека поканата без размислување и со одушевување ја прифатија моите Јасна од Спасе, Вера од Јане и артистката-мојата таена љубов. Им ги предадов лично, притоа, очекувано, криејќи дека ќе присуствува мојата таена; просто затоа што е таква и не мислам никому сосем да му ја откривам, освен да ја претставам каква што е.

На мојата Јасна од Спасе, на која ѝ појдов во Плет, на почетокот не ѝ беше јасно од каде ми дошла идејата за сликање невидливи слики, но не бараше објаснување откако ѝ објаснив дека тие суштински не се тоа, туку се такви во животот на живите и мртвите луѓе. Само искажа искрено неверување дека ќе успеам одново, сега како невидлива да ја насликам мојата последна претсмртна слика со непорочната љубов.

Вера од Јане, мртва од неодамна, таа погребана во свој семеен гроб на Градските гробишта, со која сум заедно одвреме-навреме веќе сосем рамнодушен, и таа спрема мене, се гледаме и некое време водиме љубов без никаква страст, моите невидливи слики веднаш ги назначи како метафори инспирирани од нејзината поезија. Особено кога ѝ ги кажав називите и боите на секоја: „Ден за еден ден“-сива, со мешање на црна и бела, „Ноќ на заборав“-студена сива, „При будење во рано утро“-жолто-портокалова, „Квечер на исчекување“-портокалова и сина, „Полноќна страст“-црна, „Ниедно доба со мене“-сива со малку црвена, „Пламтеж на крв“-црвена, „Вода понорница“-сина и бела, „Небосклон на живи и мртви“-портокалова и жолта, „Надежна земја“-темно-кафеава, „Надоаѓање на светлина“-измешани зелена, виолетова и бела, и „Мрачнина на мртов како жив“-црна. Ја оставив со неверување дека ќе успеам одново да ја насликам непорочната љубов, сега како невидлива.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Артистката, мојата таена љубов ја прифати поканата со восклик и со ветување дека никому нема да му се открие со вистински лик, а додека присуствува ќе се претвора во седумте женски ликови што ги играла во драмите на Шекспир.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here