38. Врвки
Двајца блиски според годините седат во кафуле, пијат пиво од кригли и муабетат:
-Работава врвка, а?
-Богами врвка.
-Мораш да мислиш на друга.
-А твојата уште не е врвка?
-Не е, ама ќе биде скоро.
-Правиш нешто за откога ќе биде?
-Уште се мислам.
Минута-две молчат, испиваат пиво од криглите, па продолжуваат:
-Ништо од политикава. Врвка.
-Богами ептен врвка. Не ми е јасно како можат вака и до кога.
-Кога можат вака, значи можат. Додека можат. А им се може.
-Веќе не ги разбирам. Тераат врвка политика, знаат и се свесни дека е таква, но никако да ја сменат.
-Зошто да ја сменат кога и која било друга би им била врвка?
Пак молчат минута-две, испиваат пиво од криглите, па продолжуваат:
-Еј, не ми текнало да те прашам. Како со новата?
-Мислиш на мојата нова секретарка?
-А на која друга? Белки не мислиш дека мислам на жена ти.
-Богами врвка работа.
-Како бре врвка?!
-Така. Врвка. Мислев ај еднаш, колку да ни мине меракот. Но некако ни се заарни и ја затеравме.
-Стварно врвка!
-А ти што стори со жена ти? Ја напушти? Конечно се разведовте?
-Ма не!…Остај…Ич не ми се збори…Врвка работа. Таа ми го прости гревот, ѝ го простив и јас нејзиниот. Решивме да не се разведуваме. Поради децата, знаеш.
-Па тоа е супер! Зошто врвка работа?
-Затоа што и јас и таа си продолживме по старо, а се правиме наудрени дека не знаеме еден за друг.
-Богами врвка!
-Нема што да правиме, другар. Сè ни е врвка до врвка.
Го испиваат пивото во криглите, стануваат, излегуваат од кафулето и се разделуваат.