Потребно време за читање: 2 минути

35. Во меѓувреме Јас обичен смртник за тежината

Многу е точна и прецизна изреката „Секоја планина со своја тежина“. Точна е затоа што секоја си ја знае својата, а е прецизна дека се однесува на планина. Со други зборови, секој човек има една најголема тежина во животот, а изрекава се однесува токму на неа. Но, едновремено треба да се има на ум дека секој не е, ниту живее како планина.

Што се однесува на мене, лично, со годините и со сѐ што доживеав и преживеав, со годиниве и со сѐ што доживувам и преживувам сум планина! Голема, висока, стара, догледлива оддалеку, со тешко досегливи нејзини височини и длабини кои уште потешко се прелетуваат, со повеќе и различни тежини. Која е најголемата меѓу нив?

Можам да се определам за една, пред сѐ со оглед на последиците. Се однесува на професијата која во некои времиња ми обезбедуваше мене и на моето најтесно семејство пристојна живеачка, па и „одработен“ углед, а во последните петнаесет години од работниот стаж просто ме ничкоса наземи. Дури ме доведе на раб на преживување и животно загрозување: радио новинарството.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Цели 40 години бев радио-новинар и остварив низа добро знајни и помалку знајни емисии, серии и проекти од најразличен вид-од хумористично-сатирични, до документарни, едукативни и забавни. Најмногу ме афирмираа, па и како врвен новинар и водител, три од нив: забавно-рекреативниот саботен радио-маратон „Радио урнебес“ (заедно со Драган Б. Костиќ и мала одбрана соработничка екипа), личната радио-енциклопедија „Паноптикум“ и 24-часовното приватно едукативно-забавно радио „Евергрин Гром радио“ (мое односно на моето семејство). Како резултат на тие постигања, искуството и теоретските знаења и сознанија за радиото како медиум, напишав до овој момент во земјава сѐ уште единствена научна студија „Аспекти на модерното радио-Радио на современата модерност“ (објавена на Интернет).

15-те последни тешки, мачни и напати драматични денови, месеци и години се однесуваат на „Евергрин Гром радио“: точно 10 години борба за негов опстој, а по неговото „пропаѓање“/затворање/продавање уште 7 како невработен новинар во Заводот за вработување. Причина? Последица на што?

Само на едно нешто: неможност од маркетиншко работење единствено поради политичка „неподобност“ за партиите на власт-жестоката одбрана на моето независно новинарство. Ова го знаат добро тие што знаат-непосредни и посредни „актери“ во таа валкана и подла игра.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

При една случајна средба со еден сопственик на радио, нивни медиумски „претставник“, ми беше „пренесено“ дека „тие“ не можеле ни да претпостават дека ќе издржам толку многу, ќе дадам толку силен, жилав и долготраен отпор! За ова не сакам да кажам/да напишам ни збор повеќе.

И како дел од мојата тежина:

Сега ниту слушам радио, ниту сакам да слушам штогоде за него како медиум.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here