94. Независни медиуми
Независноста на медиумите претставува еден од столбовите на демократијата. Следствено, ако медиумската независност е проблематична и дискутабилна, значи дека тоа во не мала мера е и демократијата, односно нејзиниот достасан степен на развој.
Независноста во која било област на нашето севкупно живеење (можеби е поточно живуркање) не постои, освен ако не ја изедначиме со објективноста (што всушност и е). Па, колку сме објективни, како граѓани, активисти (партиски, невладини итн.), интелектуалци, во третирањето на секојдневните прашања и проблеми? На пример во критикувањето на власта и опозицијата без никакви задршки, со исти аршини?
Ова е круцијалното прашање кое секој од нас барем одвреме-навреме би требало да си го поставува. Притоа, секогаш треба да се има предвид дека независноста=објективноста е условена најмногу од знаењето, стручноста, способноста и искуството. Така е во развиениот свет, со одамна поставени критериуми, правила на игра, со изграден и постојано-континуирано надградуван систем на вредности.
Кога станува збор за независноста на медиумите кај нас, сакам да укажам на нешто што или не се акцентира доволно или воопшто не се спомнува: медиумите се зависни (без исклучок) најмногу поради материјално-финансиската зависност. Дали можете да наведете макар еден медиум кој опстојува независно, без реклама и/или спонзорство? Јас можам да наведам само еден кој опстојуваше „неверојатно“ долго (тврдоглаво и упорно), ама „мораше“ да „клекне“ или да го снема од медиумскиот простор. Беше избрано второто и-го нема. Нема да го спомнам бидејќи сум еден од неговите директни тврдоглави и упорни „борци“.
Се разбира, ја имам предвид и политичката-партиската зависност која е нјпроблематична, дури најопасна по демократијата, а се реализира најмногу преку материјално-финансиската (поради влијанието на бизнисот од политиката-врзаноста со партиите односно партиските елити).
Можна ли е новинарска независност во ваква финансиско-политичка „констелација“?
Тврдам дека е можна!
Мојот оптимизам дека таа ќе им биде сѐ попривлечна, поинтересна на граѓаните (намерно не велам важна) го темелам на следново: најголемиот број медиуми кои досега беа успешни на спонзорско-маркетиншки план веќе се соочуваат со сѐ повеќе проблеми од егзистенцијална природа.
Мислам пред сѐ на следново: газдите/стопаните на медиумите веќе не можат да ги држат „под свое“ квалитетните, искусните, авторитетните новинари (изигрувајќи уредници без „милиграм“ новинарско-уредувачко знаење и искуство), а затоа што нивната цена е (ќе станува) сѐ повисока (со растењето на свеста за сопствените вредности, авторитетноста, влијанието). Тврдам дека веќе сега не може да се „игра“ на медиумскиот пазар со насобрани „дечишта“ (или татини и мамини-бизнисменски дечиња), односно приучени новинарчиња, туку е неопходно ангажирање на еден или повеќемина новинари-професионалци (со големо новинарско искуство и афирмирано име), па јасно дефинирана и конзистентна програмско-уредувачка концепција и политика, па…
Дали ви е познато дека сите големи-светски медиумски куќи имаат свои новинарски школи (на кои испраќале и испраќаат млади, но и „стари“ новинари некои од нашите)? Дали ви е познат некој наш медиум со призната, афирмирана, почитувана новинарска школа?
Да, така е како што (се надевам) помисливте односно дојдовте до заклучоков: колку си повеќе професионален, толку си помалку зависен.
Вистинските професионалци се независни во вистинската смисла на зборот. Дури и материјално-финансиски. Најочигледен пример како споредба е професионалниот фудбал (светскиот, не нашиот).
Дали по овие „површни“ укажувања ви стана јасно зошто, и покрај огромниот број медиуми, особено електронските, нивната зависност е толку голема и силна, а квалитетот на толку ниско ниво?