Потребно време за читање: 2 минути

124. Признание и статус

Општествениот статус како признание за направено и/или создадено никогаш не ми значел ништо. Исто така наградувањето. Во младоста, во зрелото доба, а сега, веќе во седмата деценија живот…

Единствено важно ми било да бидам на позиција која ми овозможувала услови и можности за реализација на замисла, концепти, проект. Не оти овозможувалa поголем животен стандард и повисока материјална добивка (повисока плата). Тоа се однесува најмногу на мојата професија-радио новинарството (и неколкугодишното телевизиско). Оние со кои сум работел и раководел го знаеја тоа, сигурен сум дека сѐ уште живите помеѓу нив би потврдиле. Мислам конкрето на уредништвото, од самостоен уредник, уредник на редакција и „највисоката“ позиција на која сум стасал-уредник на програма (Втората програма на Македонското радио која ја преименував во „Радио Херц“ и ѝ дадов оригинален „лик“; траеше до моето предвремено заминување-на половина од мандатот ја напуштив и го формирав приватното радио-Радио Гром). Што се однесува на Радио Гром (мое односно семејно-на моето најтесно семејство-јас, мојата сопруга Гордана и нашиот син единец Горан), таа-позицијата воопшто не беше важна, туку само формална.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Да беше поинаку, секако немаше да ми се „случи“ ништо да не „искористам“ додека бев на врвот на популарноста како новинар и радио-водител, со контактната забавно-сатирична и музичка програма „Радио урнебес“, но и како уредник и водител на контактната едукативно-забавна емисија „Паноптикум“ („жива радио енциклопедија“). За кои имам добиено новинарски награди и признанија. За мене највредно е графичкото дело на македонскиот уметник Гроздан Крстевски што ми го подари по повод 200-тата емисија „Паноптикум“, како сѐ уште ненадминат водителски радио-рекорд од непрекинати 25 часа „во живо“.

Што се однесува на општествениот статус како книжевник, сатиричар, афористичар, мислител, како и признанието на моето книжевно творештво, „приказната“ е сосем поинаква. На една поетска промоција македонскиот поет и критичар Христо Петрески рече дека наеднаш сум „исчезнал“ од книжевната сцена, како да сум „им се налутил“ поради нешто. Додавајќи дека „во меѓувреме ние се испонаградивме, а тој ништо“, иако сум бил „најталентираниот помеѓу нас“.

Мислам дека сум ако не единствен, сигурно еден од ретките без никакво книжевно признание, без ниедно наградено дело. Да бидам конкретен: голем е бројот на повеќекратни добитници на поетската награда „Браќа Миладиновци“, а јас не сум ја добил, ниту ќе ја добијам додека сум жив. (Моја одлука; се добива со конкурирање).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Ми значи дека не сум добитник ниту на книжевна награда, ниту на општествено признание? И да и не!

Да, кога се има предвид до каде „стасаа“ моите современици. Станаа академици, угледни творци, културни амбасадори, „заслужни“, со национална пензија…, што едновремено значи и спокојна, „безбедна“, па и богата пензионерска живеачка. За разлика од нив, јас не значам ништо за книжевната фела, мнозина мислат дека сум одамна мртов. Според нив не сум „книжевник-професионалец“, туку „обично пискарало“ кое објавува секакви „писанија“ на социјална мрежа. И живуркам како пензионер, со повеќе од скромна пензија,

Не, кога станува збор за односот спрема мене и моето книжевно творештво (премолчен, „отпишан“).

Ете. Тоа е „нешто“ од најважното во мојот овоземен живот и опстој.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here