Потребно време за читање: 2 минути

162. Секидневна средба

Се сретнаа Јас книжевник и Јас обичен смртник на средина на мост над матна река и разменија мислења и ставови за белешките што ги пишуваат одвреме-навреме во нивнава заедничка биографија што не е тоа. Се разбира, воопшто не е случајна ниту нивната средба на средина на мост, ниту матната река. И во буквална и во преносна смисла.

Јас книжевник:

-Мислам дека нашава биографија што не е тоа е мошне богата, а само од нас зависи кога ќе престанеме да ја создаваме. И Јас книжевник и ти Јас обичен смртник би можеле да ја создаваме до крајот на нашите животи.

Јас обичен смртник:

-Мислам дека на малкумина од оние што го читаат нашево дело им е јасно што е тоа. Најблиску се оние што го назначуваат како предговор односно вовед во секое дело на мојот живот и на твоето создавање.

Јас книжевник:

-Мислиш пролегомена?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Јас обичен смртник:

-Да, мислам.

Јас книжевник:

-Повеќе индиректно одошто директно. Ама тоа е помалку важно од бележењето на нешта минливи и незаборавни во нашето минатото и нашето денес, а кои се во нераскинлива врска со создавањето.

Јас обичен смртник:

-Мислиш на творечката енергија?

Јас книжевник:

-Да, мислам токму на неа. И тоа како нескротлива.

Јас обичен смртник:

-Мислам дека оние што се со нас макар одвреме-навреме веќе знаат дека со неа и во неа и ти како Јас книжевник си обичен смртник колку што јас како Јас обичен смртник сум Јас книжевник.

Јас книжевник:

-Тоа е несомнено. Конкретно, мене ми е сосем сеедно дали оние што те прифаќаат како обичен смртник прифаќаат или не дека малку ми значат, да не речам воопшто не ми значат создадените дела. Особено дека се многу на број. Па ни делата што ги создаваш ти едновремено и наспоредно. Признавам, не ми е сеедно дека ги прочитале, ги читаат и ќе ги прочитаат малкумина од оние што ја сакаат, ја знаат и ја истражуваат книжевноста. Не затоа ги оставам, ги заборавам, просто му ги препуштам на Заборавот, како објавени на Интернет и „запретани“ меѓу други секакви документи. Ти добро знаеш дека тоа го правам затоа што инсистирам на објава на сите, ако не наеднаш тогаш во преостанатово време додека сме живи јас и ти, значи мошне, мошне забрзано. Ама и оти материјално-финансиската добивка е навредливо мала, ма никаква.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Јас обичен смртник:

-Сигурен сум дека оние што споделуваат со нас некое време од нивното време нерадо го прифаќаат твојов став, но и знаат дека не им вреди да се обидуваат да ти го променат, да те предомислат. Не се обидувам ни јас. Останува надежта дека некој ќе го прифати предизвикот и сите твои дела ќе ги објави наеднаш или за кусо време. Просто би биле вчудовидувачки „дебели“ изданијата на твојата поезија, расказите и романите, проблесоците во мислата (илјадници страници во корици). А што се однесува на материјално-финансиската добивка, која е навистина навредливо мала, ма никаква, јас мислам дека тоа нема да се промени уште долго. Туку…Ти добро знаеш дека Јас обичен смртник одвај собрав стаж како професионален новинар за пензија доволна за пензионерско живуркање. Не се жалам, ама не може да ми е право кога ни ти како Јас книжевник, со толку големо дело, не можеш да ми помогнеш живуркањево да го „престорам“ макар во пристојна живеачка. Затоа кога ќе ми дојде часот сакам да исчезнам тивко и незнајно. Да не се чуе и долго да не се разбере.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Стојат на средината од мостот, потпрени на камената ограда и загледани во матната река. Веќе е самрак.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here