30. Јас во свет
Околу мене светови,
а јас во еден што би можел
да биде мој ако посакам.
Не посакувам оти не знам
дали би имал сили
долго да ја одржувам
рамнотежата
помеѓу мене и него.
Особено затоа што е тој еден
и што сум јас исто така еден.
Впрочем, јас имам свој
во кој сум единствен,
во кој сум своевиден,
во кој сум самобитен,
во кој сум слободен
и спокоен и задоволен.
Па овој еден во кој сум
случајно или намерно
со многу други околу мене
го прилагодувам
на моите посакувања,
на моите стремежи,
на моите блиски
и далечни цели,
конечно на моите
секидневности.