ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 2 минути

32. Нормално

На сцената квечер, средовечен човек што стои свртен кон публиката во црна темница, и негова сенка која бавно се издолжува накај исток. Човекот зборува гласно, бавно, како да откинува збор по збор. Прави прилично големи паузи меѓу речениците, како да сака публиката да го слуша внимателно:

„Народе мој, сè ова за нас и во врска со нас е нормално, што значи дека е за наше добро. Затоа што не ти било нормално пред ова, а треба да ти биде нормално.

Не е нормално, народе мој, постојано да се навраќаш на блиското, подалечното и далечното минато затоа што тогаш ти било нормално. Не ти било, па затоа ти е ова сега нормално. Просто напросто, ненормално е да ти било нормално кога ти е сега нормално за да ти биде утре уште понормално.

А да те прашам, народе мој, што е нормално за тебе? Знаеш? Сигурен си дека знаеш? Знам што ми одговараш и кога молчиш. Секогаш едно те исто: нормално е човек да биде нормален, а за тоа да биде треба сè да му е нормално. Што сè? Кое сè? Те слушам, исто одговараш како секогаш: сè што е нормално за сите. Така е, ама тоа никогаш не било, не е и не може да биде нормално.

Никако не можам да те разберам, народе мој, кога тврдиш дека е нормално да се живее нормално. Па додаваш: како сиот нормален свет. Што ти значи нормална живеачка?! И од кога сиот нормален свет живее нормално?! Многу долго, со денови и ноќи сум размислувал за ова и сум дошол до еден заклучок кој не верувам дека ќе ти се допадне, ама е логичен односно нормален: дека нормална живеачка е да имаш или да немаш колку што ти треба, да сакаш и бараш што повеќе, и да си задоволен од тоа што го имаш. Сиот нормален свет, пак, живее нормално развиен или неразвиен, односно неразвиениот живее и работи малку за себе, а многу за развиениот.

Следејќи ја оваа логика, народе мој, произлегува дека е нормално да имаш секогаш, а особено кога немаш, да го сакаш тоа што го имаш, но малку или многу повеќе она што го немаш, и да си задоволен дека си нормален. Произлегува и ова: за да има нормален свет, мора да има ненормален. Нормално, следи прашањето: кој е нормален, а кој е ненормален?

Јас сум сигурен во едно, народе мој, кога е збор за нормалното:

Ако ја гледаш и следиш мојава сенка, како се издолжува сè повеќе, тогаш нормално ќе заклучиш дека тоа го прави затоа што нормално зависи од залезот на сонцето, но едновремено и од местово на кое стојам пред вас. А нормално е да стојам во центарот кога зборам за што е нормално. Уште малу време, може час, може два ќе ме гледате, ќе ме забележувате и ќе ме слушате ако продолжам да ви зборам за што е нормално. Најпосле мојава сенка ќе се издолжи ненормално, па нема да ми преостане ништо друго освен и јас да се стопам во неа.

Нормално е човек да биде човек дури сосем не ѝ се предаде на сопствената сенка.

Ти посакувам, народе мој, и во оваа и во секоја нова нормалност да бидеш и да останеш нормален колку што си“.

Заминувањето на средовечниот човек од сцената публиката го поздравува со френетичен аплауз и со извици „Браво!“

Leave the first comment