ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 2 минути

23. Стап со еден крај

Двајца старци, едниот белокос, другиот ќелав и белобрад, седат на клупа пред матна река и се думаат:

-Знаеш што, старо аро?

-Не знам. Што треба да знам, старо аро?

-Думај го ова од мене: има еден стап со еден крај!

-Сакаш да кажеш дека има таков? Си тргнал од тоа дека секој стап има два краја, па ти текнало на еден со еден?

-Ај подумај се, старо аро! Кои умности за стапот ги знаеш ти?

-Кај најде да ме прашаш тоа, старо аро?! Ако почнам да редам…

-Почни!

-Добро. Ќе ти ги врзам оние што во вакво наше време и во ваква наша државичка се ептен врзани:

Нашол еден село без кучиња, та тргнал без стап. Почнал да се држи како слеп за стап, а за стап плачел. Не му идело во умот дека ќе дотера до питачки стап. Во селото без кучиња почнал да се држи за уката дека каде збор не помага, таму стап помага, а и оти сто стапа по туѓ грб ништо не се. По некое време така селаните почнале да му кажуваат дека треба да се свести ако не сака да заигра стап, та да го снајде исто како спроти мечката и стапот. Ама тој никако не се свестувал, па последно што му кажале било дека ќе го крка стапот. Не прашај дали од нив го кркал или од други. Тоа не знам, ама знам дека и селото и тој еден свршиле како што свршиле оти заборавиле дека стапот има два краја.

-А бре старо аро, убаво ги врза, ама крајот ич не ти е за такво врзување. Не знам за кое село збориш, јас знам многу села без кучиња во нашава државичка, ама знам за еден стап со еден крај.

-Лебати, кажи ми го. Кој е, кај е, кај има таков?

-Ти текнува на качениот на криво магаре, кому му дале стап в рака со морков врзан на крајот?

-Е како може да не ми текнува, бре старо аро? Ама од тебе првпат слушам дека магарето било криво!

-Било криво зашто стапот на качениот имал еден крај. Не чуди се, туку дочуј од мене. Прво, на секој што му даваат стап на качен на магаре не му се важни качениот и стапот, ами магарето и морковот. Ако тоа не е криво, ако е право, значи на пример не е не умри магаре до зелена трева, сито е, дури има магарешки инает, а на качениот му дале стап в раце зашто нашол село без кучиња, тоа би се сетило дека никогаш нема да го фати и да го лапне морковот. Разбра?

-Како не разбрав?! За што ме мислиш ти мене? Да не за неразбрано старо аро!?

-Е добро, што разбра и како разбра?

-Па тоа! Дека на качен на криво магаре му даваат в раце стап со еден крај.

-Браво! Ама доразбери го и ова од мене:

На криви магариња качуваат само послушни, понизни и беспоговорни магариња. На кои им даваат стап со еден крај в раце и со врзан морков на другиот за да нема крај кога ќе најдат село без кучиња.

Двајцата старци, едниот белокос, другиот ќелав и белобрад, продолжуваат со седењето на клупата. Чекаат матната река пред нив да почне да се бистри, па да станат и секој да тргне по своја врвица.

Leave the first comment