ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

7. Оддаден

-Се оддадов на искачување на мои и туѓи, знајни и незнајни планини и врвови. Не поради здравје, со тоа секако го јакнам, за засилување и обнова на снагата, ами затоа што ми станаа голем, ма најголем предизвик,-ми вели Силјан Каменов, еден од оние мои пријатели што се изделуваат од другите со решителноста и ненадејни за други, а за себеси чести, дури вообичаени пресврти во животот.

Му искажувам изненаденост:

-Ама Силјан, ти си планинар откога те знам. Секогаш наоѓаш време да искачиш некоја планина, некој врв. Ни сам не знаеш колку си искачил досега. Што е сега? Што е ново?

Се насмевнува, ми одговара весело:

-Ти реков, пријателе, се оддадов на искачување. Тоа значи дека решив во животот ништо друго да не ми значи толку, колку тоа. И не ме наведувај на разговор за што било друго, освен за таа моја оддаденост.

-Значи, ако те наведам на неа ќе слушнам нешто ново, што досега не сум го знаел и отсега треба да го знам?

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

-Како сакаш. Да, секогаш имам и ќе имам нешто за покажување, нешто за докажување или нешто за заедничко доживување.

Го загледав продорно, а во мислите пребарував нешто со што ќе го наведам на конкретизирање на неговата за мене и ненадејна и нејасна решителност. Се сетив на симболиката на освојувањето на врвови во животот:

-На кои планини и врвови мислиш?

-Веќе ти реков, на мои и туѓи, на знајни и незнајни.

Значи, тоа е. Погодив.

Продолжив:

-И како мислиш да ги искачуваш? Сам?

Лицето на Силјан Каменов ми се виде озарено, дури блескотно. Такво му е секогаш во одлучувачки, пресвртни моменти.

Успеав да го домислам можеби најважното прашање:

-Тоа е како…филозофија на животот?

Ми одговори без премислување:

-Не како, туку токму тоа. Моја нова филозофија на животот. Искачувањето на мои и туѓи, знајни и незнајни планини и врвови му дава единствена смисла на човечкиот опстој, му дава значење на неговиот севкупен активитет. Притоа е многу важно тие да се едновремени и еднакви како предизвик…И така. Отсега сум оддаден на искачување, на освојување на планини и врвови кои го возвишуваат човекот како самосвесно, совесно и неповторливо битие.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази

Се поздравивме, се разделивме, а јас останав со сознание дека не искачувањето на планини и врвови, туку оддаденоста е негова нова филозофија на животот. Не баш убеден дека е тоа.

Leave the first comment