СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

30. Умеам јас

Умеам јас да поживеам
среде неизвесна сегашност
на знајни и незнајни траги
на бездомници;
како што поживеав
среде пустелија обграден
со стени на сонце
и длабоки и црни пештери
во нив.

Умеам јас да преживеам
меѓу стрвни ѕверки
и птици грабливки
оти ги разбирам
кога се гладни,
особено кога се жедни,
а никаде
ни близу ни далеку
живот што снага
би им повратил
за трк, за лет,
за безгрижна игра,
за безмерен пој;
како што преживеав
меѓу голи и боси луѓе
кои никако да разберат
дека ќе постојат
сѐ додека природата
им е слободна,
се будат и заспиваат
заедно,
тие во неа, таа со нив.

Умеам јас да заживеам
одново секогаш
кога годишните доба
ќе ги возобноват
убавината на надежта,
возбудата на устремот
и спокојот на сонот.

Leave the first comment