Потребно време за читање: 2 минути

Мomentum IV

Сите во кругот.

Глас 5

Смртта доаѓа кога јас ќе го исплазам јазикот и ќе ги раширам зениците.

Глас 1

Нашите движења, крвта, сонот, сѐ е преполно со страсти. Внимавај на зракот од ласерот, особено кога ќе ја нацрта устата. Да не те ослепи. Кај него енергијата се ослободува според законот на квантната механика, ако не знаеше досега. А старите предмети и износената облека воопшто не можеме да ги споредуваме со напредокот на науката и техниката. Да не заборавиме: сцена.

Глас 6

Без лажен патос и без хипокризија, зашто не станува збор за трагедија, изјавувам дека ме опијануваат мирисот на цвеќињата и сокот од билките.

Глас 3

Тоа дека напати ја следиме твојата еквилибристика, а не твојот еквилибриум, додека зад нас поставуваат некакви шуми и планини, нема да нѐ принуди да ја прекинеме играта на очите отворени со задоволство. Долго ќе паметиме ретки мудрости.

Глас 4

Не плашете се. Нормално е во ваши години, кога долго молчите, да не сте способни да ни ги прекажете ниту птиците, ниту коњот што сме го впрегнале во вода оти научил да ја прескокнува.

Глас 5

Внимавај сега. Треба да паднеш.

Глас 2

Ќе биде подобро да го следиме со Бах. Со фугите и делата за оргули. Како интерпретација на поетските идеи. Особено хроматската фантазија и фуга. Со неговиот огромен индивидуализам и како мајстор на контрапунктот.

Глас 4

Долу да нема мрежи.

Купувачот
на стари предмети
и износена облека
вика како да е гладен.

Прво направи си очи и нос;
за устата има време.
Драмата ќе продолжи и во друга
сцена.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, поетска инсталација

Никој не смее да те познава
зашто лицето мора да успее.
Сега стави ја змијата околу вратот
и запри го воздухот.
Кога ќе ти го фрли јазикот,
ти само насмеј се да ја налутиш.

Коренот длаби побрзо во тебе.
Ми вели да те молчам.
Само да не победи
од страв или од возбуда.
Ќе си го исплашиш ножот во грлото
и чинот нема да заврши.

Има уште време.
Лицето мора да успее
во множина,
а драмата со крај.

Ти кога ќе ме догледаш ваков,
со сува болка и бели пантолони,
со очила и коска на носот,
веројатно ќе помислиш
зошто го оставив без јадење и вода;
дека ништо друго не ми останало
освен да замолчам,
и со бели пантолони
да ги поздравувам
нашите нови пријатели.

За устата веќе нема време.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here