СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Потребно време за читање: 5 минути

8.

Не знам многу, Ксантиjа моја, за рудникот Алшар. За лорандиот мислам доволно. Што знам:

Рудникот е од дамнина, уште од времето на античка Македонија. Од него се ваделе минерали и во римскиот период и во Отоманското Царство. Најдени се траги во археолошките остатоци на древниот град Стоби, на устието меѓу Црна Река и Вардар, градот кој во античкиот период имал мошне важна стратегиска, воена и трговска позиција.

Алшар е спомнат во турски дефтери од 1481. година, документ кој се однесува на селото Рожден во негова близина; конкретно на годишен приход на турскиот султан кој изнесувал 13.380 акчиња, од кои 1. 500 се дел од продажбата на арсенската руда.

Рударската населба Мајден почнала да се формира во 1877. година, а поголема експлоатација започнува во 1881. кога Алшар бил даден под концесија на англиско-француска компанија со седиште во Солун. Тогаш во рудникот биле вработени 500 работници. Мајден на турски јазик означува место каде што има руда. Концесионери биле браќата Алатини, а главниот инженер бил Шарто. Од почетните букви на нивните имиња иде кратенката Алшар. Браќата Алатини биле Евреи од италијанско потекло. Познато е дека Евреите биле добро прифатени во Отоманската империја, а во тоа време Солун бил град со најголема популација на Евреи во Европа. До почетокот на Балканските војни арсен-антимонова руда преку пристаништето во Солун била извезувана во Англија и Германија.

Во долните делови на селото Мајден можат да се забележат траги од стара сепарација на арсенската руда која, издробена и сепарирана, со карвани со коњи и маски се транспортирала во Солун, а оттаму со воз во топилниците во Фрајберг, Германија. Токму од тие вагони на крајот од 19. и на почетокот на 20. век биле земени првите примероци во кои било откриено присуство на минерали на талиум. За време на балканските и Првата светска војна брудникот не работел.

По Втората светска војна не се експлоатира руда, а рудникот бил геолошки истражуван. Извршени се три темелни геолошки истражувања: од 1953 до 1957, од 1962 до 1964. и од 1970 до 1974. Истражувањата од 1960. биле во централниот дел на рудникот и се утврдени резерви на арсен, антимон и талиум. На арсен изнесуваат 15. 000 тони, на антимон 20. 000 тони, со просечна застапеност од 0,5 насто што се смета за средна, и талиум над 500 тони, со просечна застапеност од 0,1 насто. Се проценува дека во Алшар има и околу 20 тони злато.

Во 80-тите години на 20. век за минералите од Алшар, пред сѐ за лорандиот особен интерес пројавил американскиот астрофизичар Мелвин Фридман, и тоа за негово користење како детектор на неутрината по потекло од Сонцето.

Во1978. година на тајна седница на Владата на СФРЈ е разгледувана можноста за давање на рудникот Алшар на користење на НАСА која лорандитот би го користела за вселенски истражувања. Што е решено на таа седница, не е познато.

Многумина научници велат дека со проучување на лорандитот може да се дојде до толку посакуваната бесплатна енергија која би го сменила распоредот на силите во светов. Некои од истражувачите на оваа чудесна руда тврдат дека токму поради можноста за бесплатна енергија целата оваа работа останува не докрај разјаснета.

Забележано е дека во 1986. година тогашната југословенска власт почнала проект со назив „Лорекс“, во кој биле вклучени десетина научни институции од Словенија, Хрватска и Македонија. Меѓутоа, по распадот на СФРЈ сите активности околу рудникот се запрени.

Ксантиjа:

-Сето тоа и мене ми е горе-долу познато, но најважен од сѐ е лорандиот. Мене ми е особено привлечна неговата магиска моќ.

Македон:

-Тој претставува талиум арсен сулфид, а неговата хемиска формула е TlAsS2. Најчесто има кармин црвена боја и е со релативно мала тврдост, слична на гипсот.

Лорандитот за првпат е опишан во 1894. година од страна на Кренер, познат минералог, подоцна и член на Унгарската академија на науките. Го нарекол во чест на Барон Лоранд фон Етвос, физичар од Унгарија. Лоранд бил претседател на Унгарската академија на науките. Универзитетот во Будимпешта, каде поминал најголем дел од кариерата, во 1950. година е преименуван во Универзитет Етвос Лоранд.

Освен во Македонија лорандитот се наоѓа и во наоѓалишта на злато или жива во Таџикистан, во Кавказ, Русија, во Кина, Иран, Швајцарија и на повеќе места во САД. Меѓутоа, Алшар е најбогатиот извор на лорандит.

Што се однесува на лорандиот како можен геохемиски детектор на неутриното, физичарите веќе имаат целосни сознанија. Тој има директно потекло од Сонцето. Ако се успее да се издвои од талиумот, нашата планетарна наука ќе ги разбере процесите со чија помош се генерира енергијата на Сонцето. Постоењето на неутриното за првпат го постулирал Паули во 1930. година. Еве како е опишан:

Има маса нула или многу блиску до нулата, патува со брзина на светлината кога масата е нула, нема полнеж и има неверојатна продорност. Затоа може да се детектира многу тешко. Соларните неутрина потекнуваат од реакциите на фузија што се одвиваат во јадрото на Сонцето. Според Стандардниот соларен модел, предложен од Бакал , при фузија на четири протони се образува едно јадро на хелиум, а истовремено се ослободуваат две електронски неутрина. Интересно е дека неутрината од сончевото јадро до неговата површина патуваат само 2 секунди, додека на фотоните за да го поминат тој пат им треба милион години. Од површината на Сонцето и неутриното и фотонот патуваат со брзина на светлината и им треба околу 8 минути да стасаат до Земјата. Пресметано е дека на секој квадратен сантиметар на Земјата, колку што е, на пример, површината на еден нокт, секоја секунда поминуваат 65 милијади соларни неутрина. Бидејќи неутрината незначително се апсорбираат, практично истиот број поминува и излегува од другата страна на Земјата. Сепак, еден исклучително мал дел од неутрината стапува во интеракција со некои супстанци и таквите ретки процеси се основа на детекторите за неутрина.

До црвеникавиот кристален елемент може да се дојде со дупчење на големите камени стени во чија длабочина е скриен.

Лево, на двесте метри од Алшар има еден вечно зелен рид на кој не смее да стапне ниту човекова нога ниту преживари. Во земјата на ридот има талиум, отров многу поопасен и од арсенот.

Лево од Алшар и од ридот се наоѓаат извори со топла вода, а наспроти нив, на крајот на селото Мајден, селаните експлоатираат некаков бел минерал со кого ги перат алиштата, ги мијат садовите и ги чистат сите простории во своите домови. Овој природен правкаст минерал го има во неограничени количества.

Волшебниот маѓепсан терен околу Алшар е познат меѓу староседелците како Црвена Долина.

Уште еднаш да те потсетам на приказната за војската на Александар Македонски. Имено, во битките кои ги водел тој секогаш точно напладне и со движење на војската од запад кон исток се јавувал силен одблесок од штитовите кој ја заслепувал противничката војска. Па воопшто нже е случајно тоа што на штитовите на фалангата се наоѓало изгравирано сонцето од Кутлеш.

Ксантиjа:

-В ред, сето изнесено треба да го имаме предвид. Но магиската моќ на парчето лорандит на твојот штит и пораката на Сонцева…

Македон:

-Досега не сум ти открил дека во него се крие нејзината прва љубов. Баш како зрак сончевина, извор на вдахновение. Со која се самодокажала, се извишила, ја затврдила својата самобитност. Поради која почнала да создава, да гради и да надградува. А нам, нејзините потомци ни остави многу непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење. Со светлината, енергијата, дејственоста и хармонијата.

Ксантиjа:

-Сосе системот на нашите четири темели-енергијата, земјата, човекот и волјата?

Македон:

-Да, сосе нив.

Leave the first comment