89. Ново дело на Љуба
Чудно, додека седеа на трпезата и вечераа, мошне богата вечера со разни јадења, салати, црно вино, природни сокови, разни слатки, никој не прозборе ниту збор! Секој концентриран на јадењето пред себе, како да им е непријатно оти се поседнати на една трпеза. Дури не наздравија за собирањето, за конечното запознавање и почеток на соживотот! Само одвреме-навреме едни на други си упатуваа простосрдечни насмевки.
По вечерата Аврамовите ќерки седнаа пред компјутерот во дневната соба, до малата застаклена библиотека, Самобитна сенка отиде во кујната да свари кафе, а Љуба, нејзината самобитна сенка, Аврам и Светлана се префрлија во ателјето.
Светлана заинтересирано ги разгледуваше портретите на ѕидовите и на подот, а Љуба и Аврам застанаа пред штафелајот на кој беше поставено платно со скицирани непрепознатливи два машки и еден женски лик.
Аврам:
-Почнуваш ново дело?
Љуба:
-Да, најголемо од сите досегашни. Го почнав ноќеска, по полноќ…Со тебе, со мене и со Славен…Во моментот кога ти ја открив тајната.
Тој:
-Тема? Поента?
Љуба:
-Пресвртен момент во нова животворност.