Кога човек еднаш ќе се смолзни надолу
Во народната мисла има слики што не се раскажуваат само за да се слушнат, туку за да останат во човекот како опомена. Токму таква е и оваа слика што ја запишал Марко Цепенков – проста на изглед, а длабока по значење. Ангеле берберо стои на висока планина, па некако му се потслизнува ногата. Се обидува да се закрепи со другата, ама и таа го издава. И наместо да се исправи, тој уште повеќе се смолзнува, сè дури не се најде во едно долиште, далеку подолу, на место што и само со поглед те плаши.
Тука веќе не е работата само во падот. Падот се случил. Ударот е примен. Стравот влегол в срце. Вистинската мака почнува потоа – кога човекот ќе застане, ќе погледне нагоре и ќе сфати колку далеку останало местото од кое тргнал. Таа височина, што до пред малку му била природна, сега му изгледа недостижна. И токму во тој миг почнува вистинската човечка драма.
Не е секое удолно само простор – понекогаш е состојба
Ангеле се обидува да се врати. Се јази, чипчи со прстите и од рацете и од нозете, ама земјата е ронлива, не држи. Тоа е една од најточните народни слики за положбата во која човек не само што паднал, туку паднал на место од кое не може лесно да се извлече. Во оваа приказна удолното не е само географија. Тоа е положба. Состојба. Животен пад од кој не се излегува со една желба и со едно „ајде“.
Тука народниот раскажувач не мора ништо многу да објаснува. Доволно е што Ангеле погледнува наоколу и не препознава ниту пат, ниту место, ниту човек. Тоа чувство е страшно познато и денес. Човек ќе се најде во состојба што не ја планирал, ќе се оттурне од својот ред, од својот свет, од своите луѓе, и одеднаш сè околу него станува туѓо. Не само просторот – туѓи стануваат и околностите, и јазикот на новата средина, и правилата по кои таму се живее.
Најголемиот страв не е падот, туку непрепознавањето
Во текстот има еден многу силен момент. Доаѓаат многу луѓе, го гледаат, ама не го познаваат. И тој нив не ги познава. Ете ти ја целата тежина на човечката оттурнатост во неколку реченици. Не е страшно само што си паднал. Страшно е кога си паднал таму каде што никој не ти е свој, а ни ти никому не си свој.
Тука народната мудрост допира до нешто што и современата општествена мисла добро го знае – сиромаштијата не е само немање пари, туку и губење потпора, врски, сигурност и припадност. Кога човек ќе се оттурне од својата стабилност, многу често не губи само материјална почва, туку и чувство дека има каде да се врати. Во таа смисла, зборот сиромаштија овде не звучи само како економска состојба, туку и како полека распаднат животен ред.
И к`сметот како последно прибежиште
Откако видел дека не може да се качи назад, Ангеле почнува да се теши. Си вели – толку било к`смет, и овде ќе се живее, можеби и овде ќе се најде некој пријател. Ова не е мала реченица. Во неа има и болка, и помирување, и народна трпеливост, и она старо човечко приспособување без кое никој не би преживеал. Кога веќе не можеш да го вратиш првото место, почнуваш да бараш начин да опстанеш на второто.
Но приказната не застанува само на утеха. Напротив. Сонот, како што е запишан, добива значење на предупредување. Откако го видел, на Ангеле од ден на ден работата почнала да му назадува и, според народното толкување, не му тргнала напред. Тука не треба да читаме механичко пророштво, туку јасна народна симболика – лесно е да се лизнеш од високо, а многу тешко е пак да се вратиш на истото место.
Народната приказна како жива опомена
Во тоа е силата на народната усна традиција. Таа не ни зборува со ладни дефиниции, туку со слика што ја паметиш. Еден човек, една височина, едно слизнување, едно удолно и еден страв што останува да чука во градите. И тамам затоа ова не е само стар запис, туку жива порака. Човек треба да внимава каде стои, како стои и на што се потпира. Зашто има падови што не изгледаат страшни во првиот миг, а подоцна ќе ти ја куцаат целата работа.
Затоа овој текст не треба да се чита само како старо толкување на сон. Треба да се чита како народна формула за животот. Кога еднаш ќе се оттурниш од своето високо место – било тоа чест, работа, углед, ред, занает, дом или внатрешна стабилност – не е сигурно дека лесно ќе се вратиш. А човек најчесто не осиромашува одеднаш. Осиромашува така што прво ќе се лизне, потоа ќе не може да се искачи, па ќе почне да живее подолу, сè додека и сам не се навикне дека таму му е местото.
Во тоа е и горчливата убавина на народниот збор – не вика, не се заканува, не морализира на сила. Само ти покажува една слика. А ти, ако сакаш, препознај се во неа навреме.
Ако се пуштиш од некое високо место, во некое удолно и да не можиш да се качиш пак тамо, ќе ти куца работата и ќе падниш во сиромаштија
Стоејќи Ангеле берберо на една висока планина, не знам како беше му се потслизнала ногата наудолу, и `а ѓоа да се закрепи со другата нога, и со неа се слизнал и туку се смолзнал наудолу, да беше си паднал во едно долиште, што за триста страоји! Застануајќи на нозе, беше се опулил наугоре, од кај што беше паднал. Коа си клал раката над очи и го поглеал местото, триста страоји беше му влегле во срцето од многуто вишина што било.
На тоа згора почнал да се јази наугоре за да си појди од кај што падна, арно ама земјата била роита, тики не можел да се качит при се што чипчил со прстите од рацете и од нозете. Откоа виде оти не може да се качи Ангеле, се опули назад да види некој пат, да да си излези барем од таа страна, арно ама нито пат видел, ни па местото го познал.
„Бре, анас`н, кај ќе бидам овде- си велел сам со себе- никако не ми текнуат“.
Во тоа време дури си мислел сам со себе така, мнозина луѓе дошле до него и го поглеале кој е, и откоа го погледуале, чунки не го познаале кој је, и Ангеле `и погледуал и не `и познаал кој се тие луѓе.
„Бре, анас`н, како не видов еден мој пријател во олкуа луѓе што извидов во ова место!“
Откоа постоја баеги време тамо и откоа виде оти не можи да се качи на првото место и да си дојди на синоро негов, многу жал беше му паднало, жал, жал, жал, веќе до немајкаде! На жалта одозгора беше му дошла една друга мисла и се претворил, та си рекол сам со себе:
-Ех, толкуа било к`смет и овде ќе се живеи, како да је и овде ќе ватам некој пријател, при се што со никого не сум познат.
На таа голема жал беше се разбудил, со истата жал и се ватил за чело да го помисли соно што го виде и да го толкуа на ошто ќе му излези.
Откоа го видел тој сон Ангеле, од ден на ден ватила работата да му нзаднуа и до ден- денеска нема да му се напредни.
(Зап. Марко К. Цепенков)






