Трпе оди во Германија и на Митре му ја остава мачката да ја чува. Му потенцира добро да внимава да не ѝ се случи нешто оти ја сака многу, некогаш и повеќе од неговата Трпејца сосе баба му.
По 15 дена му испраќа писмо на Митре во кое го прашува како му е мачката и добива одговор дека е добро, а сѐ е в ред и со Трпејца и со баба му.
По еден месец пак исто прашање и ист одговор.
По месец ипол го прашува исто, а Митре му пишува:
„Мачката ти умре“.
Трпе доживува шок, па срцев удар и паѓа во кома. Со сесрдна помош на германски лекари со светско реноме успева да оздрави, се враќа дома и му вели на Митре:
„Не требаше онака да ми напишеш, дека мачката ми умре, туку прво требаше да ме подготвиш. На пример: „Мачката често почна да се качува по покриви“. Па по 15 дена: „Мачката падна и умре“.
По некое време Трпе пак заминува во Германија. Минуваат 15 дена и добива писмо од Митре во кое пишува:
„Трпе, баба ти почна често да се качува по покриви!“
Трпе му одговара:
„Остави ја, нека се качува. Фала ти што ми јави вака. Не доживеав ниту шок, ниту срцев удар, ниту паднав во кома. Напротив, како да ми олесна, дури ме израдува…Бог да ја прости!“