25. Лице
Сигурен сум дека има само едно лице, единствено за секоја ситуација и секаква состојба. Сигурен сум откако многупати, безброј пати го имам видено од далеку или сретнато или, пак, сме се разминале: лице неменливо, ни за миг неизменето со гримаса, со брчка, со необичен израз, со искажана возбуда, радост или грижа. Со што било.
Веќе ми е препознатливо и во толпа и изделено од неа. Во толпа повеќе случајно, изделено од неа малку подзаскриено со наведната глава или со дланките на него. Лесно ми е препознатливо и кога е со црни очила, како човекот да е слеп. Ги носи често, во последно време сè почесто, но сè уште не сум открил зошто. Порано особено ме привлекуваше сјајот во неговите сини очи, па сè почесто се прашувам дали го изгубил во меѓувреме или го крие од која било причина. Сè повеќе сум убеден дека тоа ќе е, нема друго.
Зошто зборувам за човекот кој има само едно лице, единствено за секоја ситуација и секаква состојба? Просто затоа што во моево и нашево време стана најтешко да се види, да се сретне, да се најде таков. Дури мислам дека човек не би издржал, не би опстанал на овој свет со многу, а најмалку со две лица. Затоа што оние со многу одамна се безлични. Најверојатно бидејќи животот е секаков, никаков, а најмалку некаков. Некаков, значи предвидлив, логичен, без ненадејности и изненадности, а над сè според утврден ред и постојан ритам. Човек со само едно лице не може да преживее ни ден ни ноќ, па макар живеел и еднолично.
Како преживува човекот за кого зборувам? Ама јас досега не реков дека преживува или е уште жив. Да, за него зборувам во сегашно време, но тоа не значи ништо дуго освен ограничено време.
Какво едно и единствено лице? Студено, рамнодушно, молчаливо. Лице како маска која покрива вистинско. Тоа значи дека не е вистинско? Искрено не знам, а не знам ни зошто да го прашам.