ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 31

Потребно време за читање: < 1 минута

31. Заедно

Оној зад му довикнува:

-Не подзапрувај за да те стасам. Не ни помислувам. Прифатив да одам зад тебе докрај и да вардам некој непожелен или непријател да избрише наша трага, па сите брзо да нè заборават.

Овој до него му вели:

-Ти го научив чекорот и веќе воопшто не ми е тешко да чекориме заедно напред. Мојот чекор да биде ист со твојот и според големината и според тежината и според стаменоста. Одам во чекор со тебе  како да сум твоја сенка, а знаеш дека не сум. Како секој човек, и ти не можеш без своја.

Овој на чекор пред него одвреме-навреме се обѕрнува назад и му докажува одвај чујно:

-Ќе почнам да подзастанувам кога ќе посакаш да ме стигнеш. Од тебе сум чекор-два понапред само затоа што се плашиш оти може да скршнеш од врвицава, па да те однесе и да се удавиш во матнава река лево или да се струполиш во провалијава десно. А и за да го држам правецот. Не, немам намера да стигнам на целта пред тебе. Ќе застанам пред неа и ќе стигнеме на неа сите заедно. Како што се договоривме пред да заодиме.

Оној прилично далеку пред него му вика не обѕрнувајќи се:

-Да знаев дека врвицава е толку тесна, обрасната со трње и трева и одвај проодна, немаше да прифатам да бидам предводник.  Папсав од несигурноста, неизвесноста и нееднаквоста на моиве чекори. Барем целта да е веќе догледна.

Тој се провикна за да го слушнат сите:

-Врвицава не е моја, туку наша. Зашто имаме заедничка цел. Само е важно секој да стигне на неа во свое време. Ништо и никој не можеда нè сопре. Нема откажување!