fbpx Прескокни до главната содржина

Тајна

Двајца во студна квечер, загледани еден во друг. По долг молк кој како да се сплотил со тишината околу нив. Спокој и ведрост на нивните лица.

Му вели:

-Што е со мојата, твојата и нашата тајна? Треба ли да бидат уште откога се договоривме дека не треба да бидат трите во една или една наместо трите?

Студната квечер не им е прва. Се разбира, според ништо неповторлива. Откога настапи зима и немаат друга, поинаква. Телата им се речиси привикнати, речиси прилагодени. Облечени се во топла облека.

Ѝ вели:

-Со нашите тајни не е ништо, ниту треба да бидат нешто. Мојата е моја, твојата твоја, а нашата наша. Сакам да речам, тие се свои, автентични, секоја за себе и со себе. Дури ништо заедничко меѓу нив. Но, мора да останат што се-тајни.

Често се загледуваат еден во друг. Како да се впиваат меѓусебно, како да продираат еден во друг. Треба да се нагласи дека погледите им се сјајни, ведри и во не мала мера жизнени.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 66

Му  вели:

-А ако си ги откриеме еден на друг? Дали само за нас веќе нема да бидат тајни? Тоа не значи дека сиот свет околу нас веќе ќе нема потреба од нив, нема ни да се обидува да ги растајни?

Ниту чувствуваат како се оддалечува од нив долгиот молк. Кој како да се сплотил со тишината околу нив. Како да ги напушта, како да ја совладале, ја победиле, та веќе не им е потребна за ништо што им е заедничко.  

Ѝ вели: 

-Што ќе биде ако ти ја откријам мојата тајна? Без твоја желба или обврска ти да ми ја откриеш твојата? Дали тогаш нашата ќе остане и натаму наша?…Сè повеќе ми иде да ти ја откријам, без оглед што знам оти потоа, нормално, веќе нема да биде тајна.   

Спокојот и ведроста на нивните лица како да исчезнува. Особено на нејзиното. Тоа станува сриозно, дури сè повеќе загрижувачко. Неговото, пак, како сè повеќе да се набрчкува.

Прочитај и за ... >>  Драгоста

Му вели последно:

-Ти добро знаеш дека за нас е прва нашата тајна. Но, од која зависи и мојата и твојата…Сепак, да не заборавиме на дамна познатото, имено дека тајната е тајна додека е тајна. А и ќе се согласиш дека треба да се бориме нашата тајна да остане само наша.  

Ѝ потврдува со цврсто прегрнување.  

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 77

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено било какво преземање на делови или цели содржини, ниту во оригинал ниту како извор и преработка за други содржини, без одобрение на авторот и/или издавачот (сопственикот) на овој портал. За секоја злоупотреба-непочитување и злоупотреба на правата, издаваме фактура со задолжителна финансиска обврска.
За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.