26. Неговиот чекор
Секој негов чекор, откога го направи првиот, по проодувањето, откога почна да чекори во животот со негово време е стамен, одважен, решителен и достоинствен. Сеедно дали е прв или последен, почетен или краен, далеку до целта или пред самоти неа. Сеедно и дали е бесцелен, скитачки или намерен, смислен; самостоен или заедно со на други, со туѓи чекори.
Неговиот чекор се слуша и се препознава на сува, на каменита, на плодна земја; на сонце, на месечина, на ѕвезди или во сенка. Се слуша како неповторлив, неретко изненадувачки, неретко со надојдена сила, неретко доблесен, неретко одекнувачки. Никогаш несигурен, никогаш колеблив, никогаш застрашен.
Памети кога му бил прв. Му бил по проодувањето. Не го памети него, но од кажувања на ближни памети дека го направил во ниедно време. Одрано го разбудил кошмарен сон, станал, застанал на свои нозе и го направил кон прагот на неговото живеалиште. Неговите ближни му го догледале, му го разбрале, па го однеле на раце на него исчекувајќи го следниот. Всушност, стравувајќи дека со вториот ќе го пречекори, па ќе продолжи кон негде, па ќе го заборави. Тој, пак, само им се насмевнал жизнерадосно, се свртел назад и почнал ту со бавни, ту со брзи чекори да го мери и премерува. Како да не е сигурен дека живеалиштето е доволно, дека во него има место за сите негови предци и потомци.
Во последно време сè повеќе се секира за секој негов следен чекор по предолго стоење во место. Знае дека е предолго според здравјето и обеснаженоста. Најпрвин дали ќе биде последен, а бесцелен, а безнадежен, или ќе биде негов каков што бил и е секогаш-стамен одважен, решителен и достоинствен.
Од пред некое време стои во место, најчесто на раб на бездна. Стравува дека нема да успее да ја пречекори.