Потребно време за читање: < 1 минута

58. Обграден

Со години наназад е обграден и постојано, речиси катаден се обградува со сè со што може. Има одговор зошто. Нагласува дека не се обградува себеси, не го обградува својот живот, не ја обградува својата егзистенција, туку со обградување ја брани својата лична слобода. На забелешката дека е тоа парадоксално, па и противречно-обградена слобода, тој надолго и нашироко објаснува дека личната слобода не би имала потреба од одбрана со обградување само доколку е таа насекаде, наоколу, и близу и далеку.

Долго немееше по моето прашање:

-Ја обградуваш својата надворешна лична слобода или истовремено и внатрешната?

Ми одговори збунето и кусо:

-Јас не ја делам личната слобода на надворешна и внатрешна. Но, кога би ја прифатил таа делба, тогаш би инсистирал на нивна испреплетеност и меѓузависност. Просто не е можно да си надворешно слободен, а внатрешно не. Белки не треба да ти објаснувам дека обградувањето само по себе значи одбрана. Значи, обградувајќи ја со сè што може, јас всушност ја бранам својата лична слобода бидејќи се напаѓа од недобронамерен или недобронамерни…Нападната е.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 41

Сакав да го допрашам кој е тој или кои се тие, но се воздржав. Ме интересираше дали смета дека е можно однадвор да се напаѓа внатрешната лична слобода. Одговори децидно:

-Ако творечката слобода ја именуваш со внатрешна, ти одговарам да. Дури самиот творец ја загрозува, па и ја надвладува на пример со додворување на воспримачот.

Не му велам, ниту со каков било гест му кажувам, камо ли да му докажувам дека не признавам и не прифаќам обграден човек. Поготово не творец.