Веќе не се бројат молчењата
меѓу знаци слогови и зборови
најмногу меѓу звуци и гласови
од не многу одамна.
Тие дење-ноќе ту наидуваат
ту се оддалечуваат
додека стојам на возвишение
речиси на раб на провалија
на чие дно клокоти
невидлива река понорница
со незнаен почеток
до незнаен крај.
Не се исти ни едно со едно
неповторливи се
како да се од разни светови
дамна минати скорашни
сегашни
мои и којзнае уште чии
кои исчезнале
се пред исчезнување
или ги живеат своите
последни животи сосе смрти.
Веќе не ги бројам молчењата
меѓу моите знаци слогови
и зборови
најмногу меѓу звуци и гласови
затоа што прво се прелеваат
едно во друго
па сетне се шират во недоглед.
Веќе ги чувствувам
како нечувствителни.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Сетне, поетска инсталација, 64




