51. Напразно
Никако не можам да доумам зошто ми бараше како да ме молеше да напишам нешто само за тебе. Само да ти напишам, а ти ветуваше дека напишаното никогаш нема да го прочиташ! Не требаше да ми ветуваш зашто ти досега немаш прочитано ни ред од сè што сум напишал досега. Велиш затоа што сè било и сè е напишано за други. Напразно те убедував дека сум напишал понешто за нас, па може да го откриеш тоа доколку читаш внимателно, неоптоварено, без предрасуди, не напразно. Потврдуваше може, но продолжуваше да ми бараш како да ме молиш да напишам нешто за тебе.
Попрво би напишал нешто само за нас одошто само за тебе. На пример дека многупати сме биле заедно, но никогаш заедно. Напразно заедно. Не знам зошто. Најчесто си одговарам дека сме имале нешто заедничко, но сме немале зашто сме си имале многу свое, неделиво; кое секогаш нè оддалечувало при мој или твој обид да се доближиме. И сега мислам дека тоа било напразно само поради мојата или твојата воздржаност да не им наштетиме како било на нашите лични светови.
А пто стана со писмото што ти го напишав пред да се разделиме конечно, за никогаш повеќе да не дозволиме да се вкрстат нашите животни патишта? Го прочита? Не верувам. Зошто? Просто затоа што токму тоа-вкрстувањето, за кое ти пишував во него, ти продолжи да го случуваш небрежно. Дури преправајќи се дека не ме познаваш, продолжувајќи си го патот без да ме погледнеш во очи! Значи било напразно? Било.
Добро, ај да напишам нешто за тебе кога веќе вети дека напишаното никогаш нема да го прочиташ:
Јас не знам дали уште те сакам како некогаш, сеедно повеќе или помалку, но од ден на ден, од година во година во мене расте желбата да бидеме заедно макар миг. Не како што не сме, туку како што сме биле, а не сме си признавале еден на друг. Некогаш таа желба станува неиздржлива, одвај поднослива, како отворена рана што крвави (ете ти излитено лирско). Особено откога разбрав дека те налегнала тешка болест, а никако не можам да разберам дали си уште жива.