Живо огледало

Препев на пев и повев

Случајно или намерно среде
е големо огледало без рамка
лебди меѓу луѓе ранобудни.

Која му е целта.

Целта му е сè живо наоколу
да се огледува и препознава
додека е време на постоење.

А што е со сè мртво.

Се разбира дека сè мртво
се огледува и препознава
како живо
макар што не би требало
за да не биде во рамновесие
со разурнатите гредови
еден до друг во огнен круг.

Мора да се знае зошто е
без рамка
а е очгледно дека е живо.

Секој што досега застанал
пред огледалото среде
кое лебди меѓу луѓе
ранобудни
веќе знае колку е светот
загадочен
меѓу мрачнина и виделина
со свест за пулсирањето
на бескрајот и тишината.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 50

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.