Земјанки и ровови

Потребно време за читање: 2 минути

Цела ледина со изгорена трева во подножје на гола планина, раскопана со ровови кои поврзуваат земјанки; речиси во права линија, на меѓусебна оддалеченост не поголема од два-три метри.

Кога ископани? Од кого направени? Дамна во воено време или неодамна во некое невообичаено, ненадејно и загрозувачко?

Откога се откри кој ги ископал и направил, дека тоа го сторила војска во предвоено време, пред самоти почеток на одбрана од последен напад луѓето во градот зад нив, на стотина метри пред него, решија и рововите и земјанките не само да ги сочуваат, туку и да ги одржуваат. Наредувајќи ги меѓу своите знаменитости кои говорат за минатото како континуитет на своето постоење.

Рововите ги ископала и земјанките ги направила дамнешна туѓинска, а пријателска војска која на луѓето во градот им ја бранела слободата од наезди на непријатели-освојувачи и разнебитувачи на народи сосе нивни земји.

Во една земјанка, покриена со греди, гранки и баз, обѕидана со големи камени блокови откинати од голата планина, е пронајдена камена плоча со неколку издлабени зборови-порака за идни времиња:

„Несомнено е дека сите до еден ќе загинеме во последната битка за одбрана на слободата на градот зад нас, во кој живее исконски, кроток и доблесен народ. Ги заслужува нашите жртви и знаеме дека нема да нè заборави“.

Луѓето во градот радо, дури најпрвин од сите други знаменитости им ги покажуваат земјанките и рововите на намерници и туристи. Уште не сите, но многу од нив се уредени за деноноќен престој во секакво време и невреме, повеќето како пространи живеалишта.

Според пространоста, уреденоста и изложените артефакти во стакленки, се изделува земјанката на почетокот на рововската права линија, на чија средина доминира камената плоча со издлабената порака. Пред неа има плочка со врамен запис:

„Војската која го бранела нашиот град, сосе нашите предци од наезди на освојувачки и разнебитувачки непријатели, била безимена. Составена од многу туѓински, а пријателски“.           

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 84