Здивеле луѓе од предолг престој во мочуриште, во постојана голема борба за опстанок во живот. Другите диви во него, пред сè дивите животни ги паметеле како питоми пред да почнат да навлегуваат и да престојуваат сè подолго во мочуриштето. Решиле да излезат пред нив, со намисла да им помогнат како било во повраќање на питомоста. Се разбира, најпрвин со помагање да излезат од неа. Ги собрале на едно парче сува земја близу до крајот на мочуриштето и им рекле:
-Здивени луѓе, вакви какви што сте-здивени, не само што нема да опстанете во живот, туку никогаш нема да излезете, да се спасите од мочуриштево додека имате уште ваше време. Ние како диви животни тоа добро го знаеме, на своја кожа го имаме почувствувано. Исто како вас, како питоми влеговме, па подивевме и веќе не ни паѓа на памет да пробаме да излеземе, да се спасиме. Просто станавме мочуришни…А бевме спитомени баш од вас, луѓето…
Излегол пред животните еден од здивените луѓе, како да е нивен предводник, и им рекол:
-Знаете што, диви животни здивени во мочуриштево како нас? И ние и вие не смееме да излеземе од него зашто по толку голема и долготрајна борба за опстанок во живот просто не можеме да си ја повратиме питомоста. Доволно е што сме сè уште заедно…Иако во последно време мнозина еден по еден се издвоија, па веројатно веќе не се живи…Драго ни е што и вас ве гледаме како нас заедно…Што ќе се случи и со нас и со вас ако успееме да излеземе од мочуриштево? Може секој лесно да се претпостави. И вие и ние ќе се соочиме со питоми. Кои прво ќе се обидат да нè спитомат за да им служиме како такви, а бидејќи нема шанса за тоа, во догледно време ќе нè напикаат во кафези на зоолошки градини или во циркуски за да изведуваат циркуски точки со наашата здивеност.
Дивите животни и здивените луѓе се согласиле дека мочуриштето им е судбинско живеалиште, сосе борбата за опстанок во живот, па брзо-брзо се разделиле додека не пораснало непријателството меѓу нив до почеток на меѓусебно истребување.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 58