Заклучно со 8. септември 2026. година во Македонија се регистрирани 58 случаи на западно-нилска треска – 54 потврдени и 4 веројатни. 8 лица починале, а во последната недела е регистриран и првиот случај кај жител на Свети Николе, покажува најновиот неделен епидемиолошки извештај на Институтот за јавно здравје.
Новите податоци ја потврдуваат изразената концентрација на заболувањето во Скопје, но истовремено покажуваат дека вирусот не е ограничен само на главниот град. Од 58-те регистрирани случаи, 55 се кај жители на Скопје, а по еден случај има во Велес, Куманово и Свети Николе. Во периодот од 2. до 8. септември биле пријавени два нови случаи – од Скопје и од Свети Николе – како и два нови смртни исходи, двата од Скопје.
Најголемиот дел од заболените се над 60 години
Возрасната структура јасно покажува каде е најголемиот товар на потешките форми на заболувањето. Од вкупно 58 случаи, 47 се лица постари од 60 години, 7 се на возраст од 50 до 59 години, 1 лице е во групата од 30 до 39 години, а 3 лица се меѓу 20 и 29 години. Просечната возраст на заболените е 66,1 година.
Од регистрираните случаи, 46 се мажи и 12 се жени. Кај 56 пациенти била утврдена невроинвазивна форма на болеста и сите биле хоспитализирани. Според извештајот, 43 пациенти се испишани од болница, пет сè уште биле на лекување во моментот на изготвување на извештајот, а регистрирани се осум смртни исходи.
Сите 8 починати пациенти се мажи од Скопје. Нивната просечна возраст е 71,9 години, а кај 7 од нив биле регистрирани и други заболувања. Институтот наведува дека смртните исходи се регистрирани кај пациенти со невроинвазивна форма на западно-нилската треска.
Локална циркулација на вирусот и надвор од Скопје
Од 58-те регистрирани случаи, 57 се водат како автохтони, односно инфекцијата е стекната во Македонија. Кај еден пациент постои историја на патување во Грција, но периодот на инкубација го опфаќа и неговиот престој во земјава, поради што не може прецизно да се утврди местото на заразување.
На 11, август Центарот за јавно здравје Скопје пријавил епидемија на западно-нилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел. Во најновата процена ИЈЗ укажува дека просторната и временската концентрација на случаите сведочи за активна локална циркулација на вирусот и за потреба од продолжен епидемиолошки надзор и контрола на комарците.
Во 2026. година зголемувањето е особено забележливо и во однос на претходниот период. Западно-нилската треска првпат е регистрирана во Македонија во 2011. година, а од тогаш до крајот на 2025. година биле евидентирани 54 лабораториски потврдени случаи и 5 смртни исходи поврзани со заболувањето.
Во Грција 324 случаи и 30 смртни исходи
Истовремено, сезоната на Западен Нил е силно изразена и во соседна Грција. Според податоците од грчката Национална организација за јавно здравје – ЕОДИ, пренесени од МИА, во една седмица биле потврдени уште 34 случаи и шест смртни исходи. Вкупниот број регистрирани случаи од почетокот на сезоната достигнал 324, што според грчките здравствени власти е најголем број откако во земјата започнало систематското следење на вирусот во 2010. години.
Во Грција се регистрирани вкупно 30 смртни исходи кај пациенти со инфекција со вирусот, сите кај лица постари од 65 години, со просечна возраст од 83 години. Кај 217 од 324-те регистрирани случаи имало зафатеност на централниот нервен систем, додека кај 107 заболувањето поминало со поблаги симптоми или без таква зафатеност.
Заштитата од комарци останува главната превентивна мерка
Западно-нилскиот вирус најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Според Светската здравствена организација, кај приближно 70% до 80% од инфицираните нема симптоми, додека мал дел може да развијат тешка невролошка форма на заболувањето. Постарите лица и луѓето со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик од сериозна клиничка слика.
ИЈЗ препорачува отстранување на застоената вода околу домовите, поставување мрежи на прозорците и вратите, носење облека што покрива поголем дел од телото и употреба на соодветни репеленти. Особено внимание се препорачува во зори и во самрак, кога комарците се најактивни. При појава на висока температура, изразена главоболка, вкочанет врат, дезориентација или други невролошки симптоми, потребно е навремено да се побара лекарска помош.
Сезоната на пренос сè уште трае, а состојбата во Македонија и во Грција покажува дека западно-нилската треска во 2026 година останува активно јавно-здравствено прашање. Во оваа фаза најважни се редовното следење на новите случаи, контролата на комарците и личната заштита – мерки што имаат практична вредност додека временските услови овозможуваат нивна активност.










