fbpx Прескокни до главната содржина

Занавек

Пред исчезнување

Занавек е сè уште живо село, далеку од кој било град во државата, во кое има уште само две и живи и веќе мртви души. Тоа се душите на Никодим Лорандитоски, кој сè почесто и сè подолго престојува во блиската планина, и на глувонемата Фросина Достанова. А на планината, како што тврди и се обидува секому што ќе се најде на неговиот пат да му докаже, тој не е сам, ниту осамен. Најчесто со него се Фридрих Вилхелм Ниче и Заратустра.

Одвреме-навреме Никодим минува добар дел од денот или ноќта со Фросина. Таа, пак, со секакви лечебни тревки, мешајќи ги и правејќи разни чаеви, се грижи за неговото кревко здравје. Глувонема е од којзнае кога, можеби уште од раѓање. Во Занавек со Никодим преденува и преноќува кај ќе стигне, во која било од празните трошни куќи и куќарки.

Не така одамна, до пред дваесетина години Занавек, како и речиси сите села во државата, беше многу повеќе живо одошто мртво село. Со речиси ист број стари и средовечни мажи и жени, а во повеќето живеалишта со по еден, двајца, во три-четири и тројца потомци. Почна да се менува ритамот на животот, да се разнишуваат и судираат семејните врски, сè побрзо да се разнебитуваат до меѓусебно непрепознавање, се отуѓуваа. Да гаснат огновите во домашнитер огништа. Почна забрзано да се ништат соживотот и споделувањето. Сè со истовремено иселување, преселување во далечни земји и непознати предели.

Прочитај и за ... >>  Неколку збора

Меѓутоа, за чудо, кога од планината слегуваат во Занавек Никодим, Ниче и Заратустра, селото како мигум да заживува! Како никогаш да не било поживо! Не дека нема мртви меѓу живите и живи, а мртви. Може да се рече дека и едните и другите се речиси исти на број. Или на тројцата тоа само им се присторува, поготово на Заратустра, најпрвин како нивна насушна потреба да ги споделат со луѓе своите ставови за животот, живиот и мртвиот свет, како и за постојаноста на животворноста?!

Објаснението секогаш им доаѓа од глувонемата Фросина Достанова. Таа секогаш ги пречекува со прачка в раце и во кал или песок ги изненадува докажувајќи им дека е писмена! Дали тоа значи дека на свој начин, глувонемо ги слуша, можеби и учествува во нивните расправи?! Не можат да си одговорат, а таа не се ни обидува тоа да им го напише. Како да чувствуваат одвреме-навреме, но им останува необјасниво и за неверување.

Прочитај и за ... >>  СВЕТОВИ, поезија/припеви, 71-75

Секогаш кога ќе стане збор за Занавек, за што било во него или во врска со него, Фросина со прачката во кал или песок испишува исто:

„Првобитното име на Занавек е Зандан“.    

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 30

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.