Нашево време го забрзуваат и насочуваат во најголема мера масовната дигитализација и информацискиот бум. Имено, секојдневно сме сведоци на брзо, скоро моментно добивање на секакви информации на нашите компјутери, лаптопови и мобилни телефони. Нашево време го освоија и во исто време секојдневно го збогатуваат сѐ посовршени и сѐ поедноставни средства за масовни комуникации, односно мас-медиуми: телевизија, радио, Интернет, социјални мрежи итн.
Мас-медиумите секако го подобруваат нашево живеење. Се сметаат едни од најзначајните феномени во граѓанското општество кои играат клучна улога во информирањето, но и во формирањето и креирањето на јавното мислење. Многу важни се нивната улога и значење во развивањето и одбраната на слободата на мислење, изразување и говор како суштински демократски вредности; со почитување на точноста, вистинитоста, непристрасноста, транспарентноста, правичноста, заштитата на децата и младите.
Треба да се потенцира значењето на Интернетот како медиум кој ги поврзува корисникот и мас-медиумите, истовремено овозможувајќи користење на најразлични содржини. Нема област на живеењето и знаењето што не можат да се најдат на него. Уште од првиот ден на неговата достапност како комерцијална услуга, во далечната 1989. година.
Има еден феномен кој допрва ќе се истражува и развива. Се однесува на меѓусебната комуникација меѓу корисниците и различноста на мас-медиумите-сајтови, портали, радио, телевизија. Мислам на социјалните мрежи кои опфаќаат и поврзуваат милиони корисници од сите генерации. Тие се темелат на 24-часовна електронска комуникација, со што се создаваат „онлајн“ заедници за споделување. Најразвиена меѓу нив е секако мрежата Фејсбук која се појави во 2004. година со приклучени повеќе од милијарда луѓе.
Се издвојуваат две најважни улоги на социјалните мрежи: мобилизација во различни ситуации, на пример кризи и елементарни непогоди и глобално влијание кое во голема мера се претвора во манипулација. Особено во политичката предизборна пропаганда. Притоа, освен проблемот на вистинитост и точност на информацијата, што налага внимателно примање, следење и проверка, се задира во заштитата на приватноста. Во тој контекст треба да се нагласи злоупотребата на личните податоци.
Овој мал есеј за социјалните мрежи ќе го завршам со според мене најзначајното, што значи најпозитивното во нив и од нив: социјалното поврзување, дружење и споделување на мислења, ставови, лични проблеми на луѓе од исти и различни генерации. И ова мошне забележливо на нив: презентирање односно афирмација на лични преокупации, професионални интереси и обврски, како и на најразлични творештва.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 98