22. Залудноста
Таа доаѓа, навалува и надвладува постапно по долго дејствување, работа, создавање. Исто како што доаѓаат, навалуваат и надвладуваат сомнежот и рамнодушноста. Најчесто наспоредно со неа. Меѓутоа, за разлика од нив залудноста е најчесто крајна, а „излегувањето“ од неа е невозможно. Исто како последен пораз.
Има различни залудности. Различни и според силината и според последичноста. Сеедно дали станува збор за лична или колективна. Почнувајќи од разочарувањето поради долготрајна неменливост на состојба или на состојби, завршувајќи со неуспеси едноподруго и покрај напорност, упорност, мобилност, истрошеност, истоштеност. Последичноста, пак, е обично помалку квантитативна одошто квалитативна. Квантитативната е збирна, а квалитативната најчесто градирана.
Во врска со залудноста три настојувања, кои можат да се назначат и како настројби, најдиректно влијаат врз тегобноста на човечката егзистенција: напорот, неуспехот и недостигот на перспектива. Напорот значи обид на човек да преземе, да стори нешто, кој во контекстов е осуден на пропаст, на бесмисленост; значи, тој напор (или мотив) е однапред неуспех, а не успех, и за него човекот не е свесен, а недостигот на перспектива или иднина е на чекор од пропаста, односно од бесмислата на постоењето.
Сепак, најпрва и најважна од сè е залудноста како последен пораз.
Македонија и македонскиот народ се токму пред последен пораз. Неизбежен?