4. Огнена песна
Може е само за мене
од мене огненава песна,
а може да е од мене
само за мене
додека сум огнен
откога сум во огнов
од земја до небо.
А каква би можела да биде
во огнов освен огнена,
штом ѝ го слушам срцето
и како дише како да нема
никогаш да згасне?
Скоро ќе продолжи
во друг оган, па во друг,
па ќе ми биде сè потешко
да ја сочувам
нејзината првобитност
сосе нејзината изворност.
Па веќе да не биде
ни за мене ни од мене,
веќе никогаш само во мене
огнен.