46. Празно време
Влезе во празно време,
исто како да скокна од врв
на негова тежина;
па како да нема своја тежа
почна да лета меѓу
краиштата на својот свет.
Влезе за него ненадејно,
наспроти рамнодушноста
на луѓето во занес
кои упорно се обидуваат
да го поистоветат со она
што тој им го прикажува
како почеток на нов живот.
А не памети дека некогаш
излегол пред нив така,
наеднаш, без своја тежа,
наспроти несовршеноста
на делото што го создава
за намерник и скитник
кои одамна научиле
да препознаваат
дребнавости и трајности
меѓу минливости.
Без оглед на сè случено
додека беше обѕидан
со ѕидови на својата
неизречлива опстојба,
тој во празното време
се почувствува конечно
сосем слободен
и самобитен.
Како да нема своја тежа,
почна да лета меѓу
краиштата на својот свет,
радосен дека барем
во еден миг, во еден здив
на тој начин досегна
до суштината на својата
постојаност.