Делкал некој камен
од камен
или од нешто друго
дури не го изострил
не направил острица
што да може да сече
што-годе живо
што-годе мртво
се разбира најпрвин
за преживување.
Па пронашол коска
соголена од сонце
жешко огнено
па од неа направил
рачка.
Па ја заденил за појас
во лов ли во борба ли
заедно со нож камен
и мрежа пајакова.
Одамна го нема
да се врати жив
како да исчезнал
пред пустелијава.
На виделина само
камената секира
ножот камен
и мрежата пајакова.
Никаква трага од него.
ВНАТРЕШНИ СОДРЖИНИ, Пустелија, поетска студија, 19




