Размислувањето за влијанието на родителите во одлуките на младите треба да формира неколку гледишта: времето и животот, најнапред динамиката на времето и животниот стандард, потоа споредбеноста на стварноста и перспективите во државата и во странство, можностите за лична надградба, усовршување и напредок во професијата односно градење кариера, како и еднаквото значење меѓу заедничкото одлучување од една, и самостојното донесување одлуки од друга страна. Притоа, треба да се имаат предвид различните тежини на одлуките на младиот човек кога станува збор за избор на друштво, избор на училиште, избор на професија и она што состојбите во нашата држава и нашето општество просто го наметнаа и го наметнуваат сè повеќе-иселувањето од Македонија.
Размислувањата и расправите, неретко и расправиите на оваа тема се сведуваат на спротивставен став меѓу родителите и младите: младите настојуваат влијанието на родителите да биде што помало, ако може сосема безначајно, а во името на личната слобода и зрелоста, додека родителите се обидуваат нивниот збор да биде „последен“, особено кога младите се пред донесување животни одлуки.
Во првиот случај најчеста „одбрана“ на младите е: „Јас сум слободен/слободна и доволно зрел/зрела да донесувам сам/сама одлука за мојата иднина“, а родителите, пак, својата решавачка улога ја искажуваат со: „Времето е такво што човек не може да решава сам за сè, а ние како родители само сакаме да помогнеме во донесувањето твоја одлука. Пред сè со нашето животно искуство, со она што сме го доживеале и преживеале“.
Она што е веќе потврдено како најдобро, најсоодветно и најуспешно е рамноправноста и меѓусебната почит меѓу родителите и младите во изборот, особено во нивното донесување одлуки. Некои тоа го нарекуваат „модерен начин“, дел од „модерниот“ живот, „нормално функционирање на модерно семејство“, но во суштина е прашање на грижата, на родителскиот авторитет, како и на одгледувањето, воспитувањето, зрелоста и верувањето во младите.
Во однос на личната слобода и самостојното одлучување на младите, наспроти влијанието и решавањето од страна на родителите, минатото и сегашноста се онолку различни колку што се тие пооддалечени; во подалечното минато авторитетот на родителите и нивното влијание во сè, посебно во воспитувањето, насочувањето и животното определување било апсолутно, неприкосновено, а во поблиското и во нашево денес младите многу полесно, побрзо и во сè порани години се изборуваат за својата независност, слободен избор и самостојни одлуки. На тоа секако најмногу влијаел и влијае самиот живот, неговата динамика и содржина. Во таа смисла, доминантни се стандардот, особено технолошкиот развој.
Кога е збор за различните тежини на одлуките на младиот човек при избор на друштво, избор на училиште, избор на професија и она што состојбите во нашата држава и нашево општество просто го наметнуваат сè повеќе-иселувањето од Македонија, може да се оформат следниве гледишта:
-избор на друштво: внимателен личен избор и самоконтрола на младите, а родителско внимание, проценување, контрола, па и влијание и грижа со оглед на бројните девијантни појави во модерната живеачка;
-избор на училиште: улога и влијание на родителите во насочување на младиот човек со оглед на неговите предиспозиции и интереси, а што посамостојно, но и потемелно согледување на тежината и одговорноста;
-избор на професија: тоа е и директно и индиректно поврзано со изборот на училиште односно оформувањето на образованието; влијанието на родителите е понепотребно, дури и безначајно, а се остварува во рамки на образовната насоченост на младиот човек; може да се каже повеќе помош одошто влијание;
-иселување од Македонија: оваа појава од ден на ден станува сè поактуелна, сè позагрижувачка и со сè поголеми последици на личен и колективен-семеен и општествен план: главни причини се личната егзистенција, можностите за напредок и натамошно усовршување во професијата, како и севкупните општествено-економски и политички состојби во државава и општествово, а кои се најмногу изразени како сеопшта политизација и политикантство на животот.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 95